Кина од денеска престана да објавува дневни податоци за коронавирусот
Кинеската Национална здравствена комисија (NHC) од денеска престана да објавува дневни податоци за коронавирусот.
„Кинескиот центар за контрола и превенција на болести ќе објави релевантни информации за Ковид за упатување и истражување“, се вели во соопштението на здравствената комисија, во која не се наведуваат причините за оваа промена, ниту колку често ќе ги ажурира информациите за корона вирусот, објави Ројтерс.
И покрај рекордниот пораст на инфекции, NHC не пријавил смртни случаи од коронавирусот низ целата земја пред да престане да објавува податоци, според британската агенција.
Кина ја намали својата дефиниција за пријавување на смртни случаи од Ковид, броејќи ги само оние од пневмонија од ковид или респираторна инсуфициенција.
Откако случаите на коронавирус ги срушија дневните рекорди кон крајот на ноември, NHC престана да пријавува асимптоматски инфекции овој месец, што го отежнува следењето на случаите.
Светската здравствена организација (СЗО) нема добиено податоци од Кина за нов број хоспитализирани пациенти поради Ковид, откако официјален Пекинг ги олесни мерките за ограничување.
СЗО вели дека јазот во податоците може да се должи на тоа што властите се борат да пребројат случаи во најнаселената земја во светот.
Неколку модели и извештаи во последниве денови предвидуваа дури два милиони смртни случаи како резултат на коронавирусот додека вирусот се шири во руралните делови на земјата, заканувајќи се да ја погоди најранливата постара популација и невакцинираните, според Ројтерс.