Ким Џонг Ун ги претстави воените цели на Северна Кореја за 2023 година
Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун на актуелниот состанок на владејачката Работничка партија ги претстави воените цели на Северна Кореја за 2023 година.
На вториот ден од шестиот проширен пленарен состанок на Осмиот Централен комитет на партијата, Ким разговараше за новосоздадената предизвикувачка ситуација на Корејскиот полуостров и за поширокиот политички контекст, се вели во извештајот објавен од централниот комитет на Работничката партија, пренесува Ројтерс.
Ким им претстави на сопартијците нова „насока за борба против непријателот“ и цели за зајакнување на одбранбената моќ, се додава во извештајот. Во извештајот нема детали за целите, пренесува Ројтерс.
За време на пленарниот состанок, Ким исто така укажа на „голем број сериозни недостатоци“ забележани оваа година во областа на науката, образованието и здравството и предложи начини за нивно надминување и поставување клучни задачи за следната година, соопшти КЦНА.
Севернокорејските лидери претходно имаа говори за Нова година, но во последните години Ким свика повеќедневни партиски состаноци на крајот на годината за да ги објави главните политички одлуки.
Северна Кореја истрела голем број проектили оваа година како дел од новите тестови на оружје, вклучувајќи тестирање на тактичко нуклеарно оружје, нови интерконтинентални балистички ракети и шпионски сателит.