Свет

Најголемиот бран штрајкови во Британија може да биде продолжен во текот на оваа година

Најголемиот бран штрајкови во Велика Британија во последните неколку децении, кој започна на крајот на минатата година, може да биде продолжен во текот на оваа година.

Причината за тоа е што ниту една страна не е подготвена да отстапи од своите позиции, изјави вчера претседателот на британскиот синдикат на машиновозачи ASLEF, Мик Вилан.

Вилан за Ројтерс посочи дека сега ѝ е тешко на британската влада да се согласи на бараното зголемување на платите, бидејќи вработените во голем број сектори бараат повисоки надоместоци поради високата инфлација, но дека синдикатите нема да се откажат од оправдани барања.

Покрај британските железничари, кои вчера го продолжија штрајкот, прекини со работа започнаа и здравствените работници, персоналот на граничните сили и поштенските работници, барајќи зголемувањето на платите да биде во чекор со инфлацијата, која е на највисоко ниво во последните 40 години и достигна 10,7 отсто во ноември минатата година., потсетува британската агенција.

Британската влада денеска ги повика синдикатите да се вратат на разговорите, но повтори дека мора да го балансира секое зголемување на платите со потребата да се задржи инфлацијата и да се контролираат трошоците. Истовремено, синдикатот денеска соопшти дека за прв пат илјадници работници во владината агенција за животна средина кон крајот на месецов ќе штрајкуваат со барање за зголемување на платите.

Најавено е дека вработените ќе штрајкуваат на 18 јануари од 8 до 17 часот.

На почеток