Иранско-британски државјанин погубен во Иран поради шпионажа


Двојниот иранско-британски државјанин Алиреза Акбари, осуден на смрт за шпионажа, бил погубен со бесење, објавено е денеска на интернет страницата Мизан.
Според соопштението на таа веб-страница, 61-годишниот Акбари е осуден за корупција и загрозување на внатрешната и надворешната безбедност на земјата „поради пренос на разузнавачки податоци во Велика Британија“.
Не се наведува кога се случила егзекуцијата. Поранешниот заменик министер за одбрана на Иран беше уапсен во 2019 година и осуден за шпионирање за Велика Британија. Акбари ги негираше наводите во обвинението.
Неговото семејство беше покането да го посети во затвор во средата. Неговата сопруга потоа изјавила дека тој бил префрлен во самица, пренесува Би-Би-Си.
Велика Британија го повика Иран да престане со плановите за егзекуција и веднаш да го ослободи Акбари. Британскиот министер за надворешни работи Џејмс Клеверли ја опиша неговата смртна казна како „политички мотивиран чин на варварски режим кој покажува целосен презир кон човечкиот живот“.
Иранските власти објавија видео на почетокот на оваа недела од Акбари што изгледа како принудно признание. Персискиот сервис на Би-Би-Си ја објави неговата аудио порака во средата. Во него, пак, рекол дека бил мачен и дека бил принуден пред камерите да признае дела што не ги направил.
Иранското воено разузнавање соопшти дека Акбари бил еден од најважните британски разузнавачи во таа земја.
САД се приклучија на повиците до Иран да не го погубува Акбари. „Обвиненијата против Акбари и неговата смртна казна се политички мотивирани и неговата егзекуција би била недозволива“, изјави помошник портпаролот на американскиот Стејт департмент Ведант Пател.
Официјалните медиуми на Иран во четвртокот објавија дека Акбари имал високи позиции во безбедносниот и одбранбен систем на земјата.
