Драма на аеродром, избегната голема трагедија
Два авиони за малку ќе се судреа на аеродромот Џон Кенеди во Њујорк, кога едниот авион се упати кон пистата, а другиот требаше да полета.
Инцидентот е под истрага на Федералната управа за воздухопловство на САД (FAA).
Околу 20 часот и 45 минути во петокот вечерта, екипажот забележал авион на „Американ ерлајнс“ како се приближува кон пистата од страничниот такси пат, токму во моментот кога авионот на „Делта ерлајнс“ требало да полета.
Пилотите на авионот „Делта“ во последен момент успеале да избегнат трагедија – авионот со повеќе од 150 луѓе во него запрел на околу 300 метри од „Американ ерлајнс“, пренесе „Си-Ен-Ен“.
„Полетувањето беше прекинато кога контролата на летање забележа дека друг авион се приближува кон леталото што требаше да полета“, соопшти ФАА.
Повредени нема, но патниците на „Делта“ кои се упатиле кон Доминиканската Република морале да чекаат еден ден за да летаат до посакуваната дестинација.