Почнува второто полугодие, најверојатно ќе заврши на 14 јуни


За основците и средношколците денеска почнува второто полугодие од учебната 2022/2023 година. Со одлука на Владата, зимскиот распуст беше продолжен и почетокот на наставата одложен од 18-ти на 23 јануари заради функционалност на училиштата.
Најверојатно учебната година ќе заврши на 14 јуни наместо на 9 јуни (петок) затоа што, како што изјави министерот за образование и наука Јетон Шаќири, учениците треба да ги одработат сите 180 работни наставни денови утврдени со Календарот за воспитно-образовниот процес во училиштата.
– За подобро функционирање на процесот, поради тоа што 18 јануари е среда, 19-ти е празник за поголем дел од граѓаните и 20-ти е петок, одлучивме второто полугодие да почне во понеделник. Исто така, да се изработат сите 180 работни денови до крајот на ова второ полугодие. Има три работни наставни денови и не гледам причина да има некаков проблем, рече Шаќири минатата недела.
