(ВИДЕО) Новинар до австралискиот премиер: Дали таткото на Ѓоковиќ треба да биде депортиран поради поддршка на Русија
Австралискиот премиер, Ентони Албанес, утринава ја повтори силната поддршка на Австралија за Украина и ги критикуваше поддржувачите на руската инвазија, откако на социјалните мрежи се појави видео на кое се гледа како таткото на српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ позира со навивачите со симболи „З“ на „Австралија Опен“.
Како што јави Ројтерс, полицијата испрашувала четворица навивачи кои „имале несоодветни знамиња и симболи“ по натпреварот меѓу Русинот Андреј Рубљев и Новак Ѓоковиќ.
„Австралискиот народ стои со украинскиот народ. Ова е ставот на Австралија, кој недвосмислено го поддржува меѓународното право“, рече Албанес на прес-конференцијата откако новинар го праша дали Срѓан Ѓоковиќ, таткото на славниот тенисер, треба да биде депортиран од Австралија.
„Не сакаме да видиме каква било поддршка за руската инвазија на Украина, која има разурнувачки ефект врз украинскиот народ“, рече Албанес, избегнувајќи конкретен одговор на прашањето. Срѓан Ѓоковиќ не одговори на истрагата на Ројтерс за инцидентот.