Актуелно

(ВИДЕО) Снег, силен бурен ветер и град создаваат хаос низ Србија

Снег, силен бурен ветер и град создаваат хаос низ Србија, а за помалку од 24 часа земјата е целосно парализирана.

На социјалните мрежи се шират фотографии од сите делови на земјата.

Краљево го зафати краткотрајно невреме пропратено со град, снег паѓа на Златибор, но дува и силен ветер.

Силен ветер дува и на планината Сувобор, а снегот престанува да паѓа.

Поради силниот ветер на Копаоник, ски-центарот и денеска не можеше да работи со полн капацитет бидејќи од безбедносни причини не беа во функција сите ски-лифтови и жичарници, соопштија од Скијачките центри на Србија.

„Ветерот дува со брзина од 15 до 24 m/s, поради што работат само седум од 24-те ски инсталации“, изјави за „Танјуг“ портпаролката на Скијалиштето на Србија, Ана Јовановиќ и додаде дека состојбата полека се стабилизира, па треба да се очекува инсталациите да се отвораат една по една и да се стават во функција.

Според неа, на патеките на Копаоник има и до 70 сантиметри снег.

Силен ветер дува на Мачков камен кај Крупањ.

Во Оџаци ветерот собори дрво кое падна среде пешачки премин и ја затвори улицата.

Во Сјеница провејува снег и дува силен ветер, додека во населбата Кучура, во општина Врбас ветерот го откорна покривот од основното училиште.

На Стара Планина падна метар снег, сообраќајот до Ски центарот се одвива отежнато.

Во источните делови на областа Књажевац, по ноќните врнежи, тие изнесуваат околу 15 сантиметри во урбаните средини до околу педесет сантиметри во селата во подножјето на планината. Температурата на воздухот е 10 степени под нулата, а според најавата на надлежните патниот правец до Ски центарот е прооден, но отежнат поради наносот што синоќа го создаде силниот ветер.

И покрај апелите да не се оди на патот над Дуга Пољана, на оваа делница останаа завеани околу 10 автомобили и над 20 лица.

Александар Радосављевиќ од Одделението за вонредни состојби на МУП им порача на граѓаните да не излегуваат на пат откако РЗМЗ издаде метео предупредување.

„Во никој случај не треба да тргнуваат на патот во правец Сјеница, Копаоник и Рашка. Патиштата кон Копаоник беа во прекин. Сега состојбата е нормализирана. Патните правци Јошаничка Бања-Копаоник и Рудница-Копаоник се проодни, патот Брус – Копаоник не е прооден, но забележуваме дека нема лица покриени со снег“, изјави Радосављевиќ за РТС.

На територијата на Република Србија без напојување се регистрирани 564 трафостаници, поради што без електрична енергија се 25.220 корисници.

Екипите за дистрибуција на електрична енергија се на терен и ги поправаат дефектите.

На почеток