Земјотресот во Турција бил почувствуван и на Кипар и Либан
Епицентарот на земјотресот, кој се почувствувал дури и во Каиро, се наоѓал северно од турскиот град Газиантеп, во област на околу 90 километри од границата со Сирија.
Земјотресот бил почувствуван на Кипар и Либан, јавува Ројтерс. Турската агенција за катастрофи (АФАД) прогласи вонредна состојба на „ниво 4“, што значи дека треба да се побара и меѓународна помош.
„76 наши граѓани загинаа во Адана, Адијаман, Малатија, Кахраманмарас и Газиантеп, а вкупно 440 лица се повредени во Шанлиурфа, Дијарбакир, Адана, Адијаман, Маласија, Османија, Хатај и Килис“, соопшти АФАД.
Според официјалните податоци на Министерството за здравство на Сирија, 99 лица загинале, а најмалку 334 лица се повредени во деловите на земјата под контрола на владата во Дамаск, јавија сириските државни медиуми.
Претходно беше соопштено дека загинале 20 лица во подрачјата под контрола на бунтовниците во земјата разурната од војна. Во извештајот на АП се наведува дека спасувачите и локалните жители бараат преживеани под урнатините на урнати згради во неколку градови од двете страни на границата, а очигледно бројот на жртвите не е конечен.
Во турскиот град погоден од земјотресот, десетици луѓе се обидуваат да преместат парчиња бетон и метал и да ги спасат затрупаните во урнатините на зградите. На сириската страна на границата, земјотресот ги погоди регионите под контрола на опозицијата со околу четири милиони Сиријци раселени од другите делови на земјата поради граѓанската војна.
Многу од нив живеат во трошни згради. Лекарите стравуваа дека стотици луѓе загинале.
Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган на Твитер напиша дека во подрачјата погодени од земјотресот веднаш биле испратени тимови за спасување.
Се надеваме дека заедно ќе ја надминеме оваа катастрофа што е можно поскоро и со најмала штета“, напиша Ердоган на својот Твитер профил.