Жената што го иницираше каменувањето на македонскиот клуб во Благоевград: Ова не е вандалски чин! Нашата држава беше понижена!
Људмила Костадинова е иницијаторот за каменувањето на македонскиот клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград. Таа е дел од групата од четири лица кои го демолирале клубот.
Костадинова била кандидатка за градоначалничка на Благоевград на последните два циклуси локални избори. Таа објасни зошто го каменувале клубот.
„Јас сум иницијаторка за тоа што се случи. Ова не е вандалски чин. Ја покажавме нашата длабока огорченост и незадоволство од случувањата на бугарско-македонската граница. Нашата држава беше понижена од РСМ“, изјави Костадинова за бугарската Нова тв.
Двајцата мажи, вработени во јавното претпријатие „Озеленување“ во општината Благоевград велат дека го делат мислењето на иницијаторката Костадинова и дека се приклучиле на чинот.
Градоначалникот на Благоевград, Илко Стојанов вчера изјави дека ќе ги казни сторителите за вандализирањето кога ќе бидат казнети цариниците во Македонија. Тој бара реципроцитет. Македонците од Бугарија велат дека се збунети и навредени, а никој не им ги соопштил причините зошто е демолиран клубот.