Македонија

Османи побарал средба со македонските Бугари, два дена пред истек на рокот за „Ванчо Михајлов“ и „Цар Борис Трети“

Средба со претставниците на македонските Бугари побарал македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи, јави БГНЕС.

Информацијата доаѓа на два дена пред истек на рокот од три месеци во кој бугарските здруженија треба да се усогласат со измените во Законот за здруженија и фондации. Измените на Законот за здруженијата и фондации, кои стапија на сила на 16-ти ноември, ги засега клубовите „Ванчо Михајлов“ и „Цар Борис Трети“, кои според последните информации немале поднесено барање за преименување на клубовите.

Ако здруженијата кои имаат имиња што се косат со одредбите во законот, не направат усогласување, односно преименување, министерот за правда треба да донесе одлука за неусогласеност во рок од четири месеци од денот на влегување на сила на законот (до 16-ти март), по претходно негативно мислење од Комисијата за употреба на имиња, и врз таа основа Централниот регистар треба да ги избрише.

Барањето на Османи доаѓа само една недела откако еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи ги прими македонските бугарски лидери во Брисел. Македонските Бугари го информирале Вархеи дека во РСМ наводно не наидуваат на разбирање и желба за дијалог од страна на официјалните власти во Скопје. Бугарската делегација на последниот самит на ЕУ ги информираше лидерите на земјите членки за институционалната омраза кон македонските Бугари и немањето политичка волја од страна на РСМ за спроведување на веќе потпишаните билатерални меѓународни договори.

На почеток