Габер-Дамјановска: Зачудува жигосувањето поради нечија семејна припадност, според Устав секој може да биде судија или обвинител
Зборувајќи на тема за седмата генерација кандидати кои ја завршија Академијата за судии и јавни обвинители, а меѓу кои се најдоа имиња на роднини на носители на јавни функции, директорката на оваа институција, Наташа Габер-Дамјановска, во интервју за МИА нагласува дека според Уставот секој граѓанин има право да учествува во вршење на јавните функции, меѓу кои се и судиите и обвинителите.
Во таа насока, според неа, зачудува што се жигосуваат некои лица.
„Академијата работи и одлучува почитувајќи ги Уставот и законите на нашата држава. Ако според Уставот секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавните функции, значи и судија, обвинител и секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место, член 32 став 2 и со оглед на тоа дека на јавен конкурс отворен за тестирање на кандидати за слушатели во Академијата не смее да се дискриминира, зачудува логиката на жигосување некои лица само поради нивното звучно име и семејна припадност бидејќи се пријавиле, поминале низ процесот на тестирање, се запишале и потоа ја завршиле почетната обука. Зарем е изненадувачки фактот што токму тие лица што се запишале во Академијата, ако при обуката ги положиле тестовите, практичниот дел од наставата и завршниот испит – тие завршиле и ќе бидат избрани за судии/обвинители“, вели Габер-Дамјановска.
Директорката не смета дека треба да се критикува семејната традиција во однос на некои професии бидејќи тоа не е случај само со правната професија, туку и со други – медицина, инженерство, па и новинарство. Она што е најважно, вели таа, е тие да покажат интегритет и ефикасност во работата.