Македонија

„Огнената група“ го поддржува предлогот на Гаши: Ако можат Србите со 4% во Косово, можат и Албанците во Македонија со најмалку 30%

Потпретседателот на ДУИ, Изет Меџити кој е и предводник на т.н. „огнена група“ во партијата, го поддржува предлогот на опозициската Алтернатива, за формирање заедница на албанските општини во земјава по примерот на Косово. Тој вели дека е очигледна потребата да се придвижи процесот на децентрализација во интерес на општините, но и во интерес на граѓаните, бидејќи според него таа власт е најблиска до нив.

„Заедницата во Косово ќе има „домино-ефект“ во регионот бидејќи граѓаните патуваат и споделуваат, нашите семејства се поврзани и половина се во Косово, а половина овде. Па, ако може Србите со 4% да имаат асоцијација и да имаат видливи права, тогаш очигледно дека тоа ќе има ефект и врз Албанците коишто се најмалку 30% во Македонија и претендираат за истите права“ изјави Меџити.

Политичката партија Алтернатива, која неодамна реши да излезе од власта и да премине во опозиција, преку соопштение повика да се започне иницијатива за формирање „Заедница на албански општини во Северна Македонија“, по моделот што е предвидено да се формира ваква заедница на српски општини (ЗСО) во Косово.

Алтернатива нема градоначалник ниту во една општина во земјава, па затоа ракавицата ја фрла кон останатите партии: ДУИ, Алијанса за Албанците (АА) и Беса.

На почеток