Македонија

Некој може да си прави списоци, ама такви вработувања ќе нема, рече Мицкоски по најавите на Меџити за масовни вработувања

Некој може да си прави списоци, ама додека сум премиер вработувањата ќе бидат според компетентност, рече премиерот Христијан Мицкоски на најавите дека Изет Меџити ќе вработи 3.000 Албанци на државно во наредниот период. Според Мицкоски, само лица соодветни за тие работни места ќе седат во државните фотелји.

„Нема таква работа, го прочитав тоа. Ниту ќе има додека јас сум претседател на македонската Влада. Добро е да се вработуваат компетентени луѓе и луѓе кои соодветно ќе одговорат на тие места. Партиски и етнички клучеви не треба да дискутираме. Рековме дека ќе направиме закон за праведна етничка припадност, бидејќи претходниот е укинат. Некој може да седи и да си прави списоци, ама додека јас сум премиер, нема да се случи таа работа“, рече Мицкоски.

Претходно, реагираше СДСМ.

„Изет Меџити подготвува робусна акција-најголеми партиски напад врз институциите досега со 3.000 нови партиски вработувања во државната администрација. Скандалозната најава од вицепремиерот Меџити отвора сериозни сомнежи за постоење на веќе подготвени списоци со имиња на „подобните“ партиски кадри, кои треба да се вдомат во јавниот сектор“, рече Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.

На почеток