Партиски преписки и препукувања во недела


ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, Левица и Вреди утрово преку соопштенија се обратија до јавноста. Сите, со различни теми. Додека Вреди се пофали со поевтини цени на производи, Левица упати барање за укинување на двојазични декларации. ВМРО-ДПМНЕ го нападна СДСМ, а пак опозициската СДСМ го нападна премиерот Христијан Мицкоски.
СДС и Филипче јавно да се оградат и да го осудат говорот на омраза на Сашо Орданоски кон САД и претседателот Трамп, побара ВМРО-ДПМНЕ
„Сашо Орданоски е еден од најголемите гласноговорници и поддржувачи на СДС. На сите јавни и медиумски настапи, Сашо Орданоски секогаш поддржувал и промовирал ставови и политики на СДС. Орданоски е перјаница на СДС и секогаш бил на иста линија и во нивна поддршка. Работел на проекти, програми и кампањи како социјалдемократите да ги донесе на власт. А, за време на СДС на власт, Орданоски на јавните настапи и во своите писанија ги бранеше нивните погубни и предавнички политики и ги величеше шефовите на таа партија. И за тоа, СДС на власт, на Сашо Орданоски дословно му се оддолжувале, како што е примерот од 350 илјади евра за неговиот брат од Фондот за иновации за технолошки развој и тоа за плагијат проект. Значи, Орданоски нема ниту еден настап или писание што не се на иста линија и што не ги поддржува СДС. Затоа, со оглед на фактот што СДС и Венко Филипче не се оградија и јавно не го осудија, легитимно се покренува прашањето дали го поддржуваат и го делат истиот став со Сашо Орданоски за САД и претседателот Доналд Трамп?“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
СДСМ: Меџити спроведува робусна партизација со 3.000 партиски кадри а Мицкоски молчи
„Изет Меџити најавува робусна, историски најголема партизација на институциите со вработување на 3.000 партиски кадри во администрацијата а Мицкоски молчи. Таравари рече дека прво треба да се решат етничките прашања а потоа да се зборува за економија. Меџити има стратегија за вдомување прво на партиските кадри. А Мицкоски си молчи. Молкот на Мицкоски значи дека робусната операција за партизацијата на администрацијата е веќе договорена работа пред изборите. Ова е скандал од огромни размери, кој говори дека зад лажниот патриотизам се крие систем на клиентелизам и корупција и затоа мора да има одговорност. СДСМ бара веднаш да бидат запрени сите вработувања во јавната администрација, целосна истрага за овој скандал и постапка од Државната комисија за спречување корупција“, велат од СДСМ.
Левица: Пратениците да го поддржат предлог – законот за укинување на двојазичните декларации
„Левица го повикува владејачкото мнозинство, на седницата во понеделник, да го поддржи Предлог-законот за измена на Законот за потрошувачи, со кој се укинува обврската за двојазични декларации на производите! Со овој Закон се исправa неправдата врз македонските производители и потрошувачи, кои со години се соочуваат со административни и финансиски товари наметнати од клиенталистичките политики на режимските партии. Го повикуваме ДПМНЕ, кои во минатото тврдеше дека Законот за двојазичност е противуставен, сега да застане зад својот став и да гласа за укинување на оваа обврска, која не само што е правно спорна, туку и директно ги оштетува македонските производители и трговци, особено во време на економска криза. Очекуваме сите пратеници кои вистински се залагаат за интересите на народот да го поддржат овој закон и да стават крај на непотребната бирократска заврзлама која ги става во неповолна положба македонските производители“, велат од Левица.
Вреди: Доброто владеење има име ВЛЕН, 1.000 производи по поевтини цени
„Коалицијата ВЛЕН продолжува да се обврзува да им гарантира на граѓаните подобра социјална и економска благосостојба и посоодветно да си ги дозволи високите трошоци што ги практикуваше претходната влада. Во ова време кога не само кај нас туку и во целиот регион се соочуваме со поскапување на основните производи, Владата на ВЛЕН презеде иницијатива да го ограничи профитот на трговците за да ги заштити граѓаните од изнуда и сиромаштија. Во таа насока, Владата на ВЛЕН отсега ја ограничи профитната маржа на 5% на млеко, леб, брашно од типот 400 и 500, јајца, масло за јадење, јогурт и павлака. Додека на 10% профитната маржа е ограничена на месо и преработки од месо, шеќер, млечни производи, маргарин, путер, конзервиран зеленчук и овошје, грав, ориз и тесто. Додека средствата за хигиена, свежото овошје и зеленчук, детергентите, детската храна, пелените, сапунот, тоалетната хартија се ограничени на 15 отсто. Преку овие мерки ние како ВЛЕН ја докажуваме нашата посветеност на граѓаните и нивната социјална благосостојба. Заедно со постојано ангажираните експерти креираме политики за заштита на граѓаните од високите трошоци кои ги оштетуваат нивните џебови и ви гарантираме безбедност и економска стабилност“, велат од Вреди.
