Свет

Снег во Далмација, сообраќајот во прекин

Сообраќајот во двата правци на автопатот од Далмација кон внатрешноста на Хрватска е во прекин до натамошно известување поради временските неприлики, соопштија од Хрватскиот авто клуб (ХАК), а проблеми во сообраќајот има и на поширокото подрачје на Риека, каде невремето урна дрвја, кршеше гранки и доведе до оштетување на автомобили и покриви на куќи, пренесува Блиц.рс.

Невремето и ураганските ветрови во поширокото подрачје на Риека денеска доведоа до големи проблеми во сообраќајот во тоа подрачје, а пожарникарите мораа да интервенираат десетина пати за да ги отстранат последиците од невремето.

Метролошката станица Риека соопшти дека најсилниот удар на невремето со сила од 168 километри на час е забележан денеска кај Крчко Мост.

Невремето предизвикува проблеми во сообраќајот во областа Кварнер и во внатрешноста на Риека.

Синоќа во 23 часот и 43 минути на автопатот А1 кај клучката Бриње се случила тешка сообраќајна несреќа.

Автобус се превртел при што едно лице загинало, а неколку се повредени.

Несреќата се случила кога 58-годишен албански државјанин управувал автобус со албански национални ознаки и од засега непозната причина свртел десно, удрил во ограда и се превртел.

Во автобусот во моментот на несреќата имало девет патници и возачот. Едно лице загина, а неколку лица се повредени и се сместени во општите болници во Карловац и Огулин.

Автопатот Риека-Загреб меѓу Киковица и Делнице, обиколницата Риека меѓу Шкурињ и Ореховица, Јадранската магистрала помеѓу Нови Винодолски и Сењ, како и Крчки мост се отворени само за патнички возила.

Некои бродски линии до островите Крес, Раб и Крк се суспендирани.

ХАК наведува дека во Хрватска е во тек зимско одржување на патиштата, па затоа има чести доцнења зад возилата за зимска служба кои се движат побавно.

Зимски услови има на поголем дел од патните правци во Лика и Горски котар.

На почеток