На средбата со претседателот на чешката Влада, Бабиш била потврдена подготвеноста за унапредување на меѓусебното пријателство и поддршка на билатерален и мултилатерален план.
Иванов, како што соопшти неговиот кабинет, истакнал дека Македонија ја цени конзистентната и принципиелна поддршка од Чешка за нашите врвни стратешки цели – членство во НАТО и ЕУ, како и принципиелната употреба на нашето уставно име.
Тој, исто така изразил задоволство од севкупната соработка и поддршка од Чешка за време на бегалската и мигрантската криза.
„Посебно ја цениме соработката меѓу Македонија и Чешка поврзана со мигрантската криза и благодарни сме за доделената помош на македонската полиција за нејзино успешно менаџирање. Ваквата соработка претставува потврда дека Чешка е вистински пријател на Македонија“, изјавил Иванов.
Претседателот на Сенатот на чешкиот Парламент, Милан Штех и претседателот на Долниот Дом на Парламентот, Радек Вондрачек, на средбите со Иванов изразиле задоволство од развојот на билатералните односи и дале поддршка за остварување на македонските стратешки цели, членството во ЕУ и НАТО.
„Првите луѓе на чешкиот парламент изразија подготвеноста за јакнење на соработката меѓу парламентите на двете земји со цел унапредување на законската легислатива во областа на миграциите, како и размена на податоци и искуства во справувањето со мигрантската и бегалската криза“, се вели во соопштението.
Со денешните активности Иванов ја заврши дводневната официјална посета на Чешката Република.
