Замрзнувањето на цените нема никаков ефект, власта да објасни како да се преживее со 25.000 денари, вели Стојаноски
Економскиот тим на Владата е тотално безидеен. Најголемо достигнување им е сликање по маркети, а реални проекти нема ниту еден, истакна Бојан Стојаноски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.
„Долгонајавуваните мерки кои требаше да го олеснат животот на граѓаните немаат никаков ефект. Замрзнувањето на цените кои толку гордо ги најавуваа и ги промовираа цела Влада шетајќи се по маркетите додека народот нема средства да преживее, немаат ама баш никаков ефект во целост. Индексот на трошоци на животот и индексот на цените на мало во месец март во однос на претходниот месец изнесува 99.9, а во месец февруари бил 100.4. Инфлацијата во месец март е 14.7%. Ништо не влијаело во регулирање на истата, а воедно е и една од најголемите. Има ли поголем показател од ова дека ништо не се променило во месец март?“, прашува тој.
Дополнително, како што оценува, потрошувачката кошница во месец март за едно семејство, на најминималните можни трошоци изнесувала 50.070 денари, од кои 19.263 за храна, 13.417 за режиски трошоци и сметки и за превоз и хигиена 6.865. и ова е далеку над заработката на едно просечно македонско семејство каде работат двајцата родители за да можат да преживеат со своите деца.
„Во овие 50.070 денари не се вметнати кредитите кои ги имаат семејствата и ги отплаќаат воедно, потребите на децата доколку се на училиште или факултет, како и останатите непланирани трошоци кои се појавуваат во секое семејство. Еве Битиќи или Ковачевски нека објаснат како едно просечно семејство каде што двајца родители заработуваат по 25.000 денари месечно во просек и одгледуваат две деца, можат да го поминат месецот? Или уште подобро, како да преживеат пензионерите кои земаат во просек 18.000 денари пензија?“, додава Стојаноски.
Нека објаснат, додава тој, како семејствата да ги наполнат своите трпези и да ги поминат претстојните празници како Велигден и Рамазан? И со кои пари?
Очигледно, додава Стојаноски, се што прават Ковачевски, Битиќи и Бектеши е само медиумски популизам, за кој граѓаните се свесни дека нема никаква врска со реалноста.
„Наместо популизам, оваа Влада треба да признае дека ги донесе граѓаните на раб на сиромаштија, додека секојдневно гледаме дека се излеваат милиони од државната каса кон сомнителни и блиски луѓе до власта, на сомнителен начин и сомнителни тендери“, потенцира пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ.