Скопје

Колкава плата зема градоначалничката Арсовска

Градоначалниците на десетте најголеми градови во Србија заработуваат во просек два и пол пати помалку од нивните колеги во Словенија, покажуваат податоците до кои дојдоа новинарите на порталот N1 од регионот со споредување на имотните мапи на функционерите.

Просечната плата на градоначалниците на десетте најголеми градови во Словенија е 2.555 евра, во Хрватска е нешто помала и изнесува 2.422 евра, додека просечната во Босна и Херцеговина е 1.934 евра. Градоначалниците на најголемите градови во Србија имаат најниска просечна плата на територијата на поранешна СФРЈ – 1.092 евра.

Платата на градоначалникот на Љубљана, Зоран Јанковиќ, без додатокот за стаж изнесува 2.696 евра, додека неговиот хрватски колега, градоначалникот на Загреб, Томислав Томашевиќ, заработува 2.318 евра месечно.

Месечната плата на градоначалникот на Подгорица е 1.562 евра, додека на градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска во моментов е 2.036 евра, а се утврдува со множење на просечната плата на ниво на република со коефициент 3,70.

Градоначалничката на Сараево Бенјамина Кариќ заработува 1.510 евра месечно, без надоместоци, додека најниска плата во споредба со другите градоначалници на поголемите градови во регионот има првиот човек на Белград, Александар Шапиќ – 1.399 евра.

Апсолутен рекордер по заработка во земјите од поранешна СФРЈ е градоначалникот на Бјелина, Љубиша Петровиќ, чија месечна плата е 3.305 евра. По него е најплатениот градоначалник во Хрватска – првиот човек на Задар, Бранко Дукиќ, кој заработува 3.026 евра месечно, додека примањата на останатите градоначалници на најголемите градови во регионот се под 3.000 евра.

Кога ќе ги споредиме примањата на челниците на најголемите градови, по десет од наведените земји, најниска плата има градоначалникот на Панчево, Александар Стевановиќ, кој инкасира 910 евра месечно.

Градоначалникот на Бања Лука, Драшко Станивуковиќ може да се пофали со плата од 2.466 евра, додека првиот човек на Сплит, вториот по големина хрватски град, Ивица Пуљак заработува само нешто помалку – 2.439 евра.

Платите на градоначалниците во другите најголеми градови во Хрватска се движат од 2.111 до 2.619 евра, покажуваат податоците од имотните листови на градоначалниците на десетте најголеми градови во таа земја.

Градоначалникот на Бихаќ, Елведин Седиќ има најниска плата во Босна и Херцеговина, за што може да се „заблагодари“ на својот претходник Шухрет Фазлиќ, кој донесе одлука да му ја намали платата од 2.287 евра на 1.271 евро.

Во Словенија најниска плата има градоначалникот на Камник, Матеја Слапар – 2.267 евра, а во Хрватска тоа е првиот човек на Риека, Марко Филиповиќ, кој заработува „само“ 1.995 евра месечно.

На почеток