(ФОТО) Фабриката „Тила“ во Прилеп е целосно уништена, сопственичките најавија продолжување со производството во најбрз можен рок


Во пожарот во прилепската конфекција за детска облека „Тила“ изгорело сѐ, соопштија двете сопственички на овој бренд. Тие порачуваат дека ќе продолжат со работа и дека производството ќе продолжи во најбрз можен рок и продавниците нема да се затворат.
“Драги наши пријатели, за оние кои сеуште не се информирани, со многу тешко срце и голема болка во душата, Ве информираме дека вчера на 21.04.2023 г во фабриката Тила изби пожар во кој за жал изгоре се!
Причините за пожарот за жал сеуште не се познати и се чека од страна на надлежните органи на утврдување на истите како и на процена на направената штета. Во моментот на избивањето на пожарот фабриката не работеше и нема повредени.
За оние кои не знаат брендот Тила е дело и креација на две сестри кои со помош на нивната семејна компанија конфекција Хатра во Прилеп започнуваат со креирање и менаџирање на компанијата уште во своите рани 20ти години!
Брендот Тила го градиме веќе 15 години и со години беше и е единствен македонски бренд на детска облека кој функционира професионално од типот на дизајнерските брендови. Создаден е со премногу љубов, преголем труд и чесна и макотрпна работа. Тоа што ни се случи е премногу болно и тешко за нас бидејќи е вложен многугодишен труд и средства за да изградиме современа фабрика и висок стандард на квалитет на нашиот бренд со кој ќе се гордеат сите Македонци.
Сакаме да Ве информираме дека нашите продажни места и понатаму ќе продолжат со работа, а благодарение на нашите пријатели и нивната подршка производниот процес ќе го продолжиме во најбрз можен рок.
Воедно Ви се заблагодаруваме за Вашата безрезервна поддршка која ни ја дававте и во изминатите години, а која сега ќе ни значи најмногу од се. Тила живее преку Вашите најмили и се надеваме така и ќе продолжи и во иднина!”,објавија сопственичкитеа на Фејсбук.
