Ден на жалост утре во Прилеп: градот тагува по тројцата доктори кој го загубија животот во сообраќајката
Прилеп утре ќе прогласи Ден на жалост за смртта на трите медицински лица кои рано утринава, на пат кон работа загинаа во тешка сообраќајна несреќа на магистралниот пат Прилеп-Битола.
„Со тага ја примивме веста за загубата на тројца наши лекари, кои денеска ги загубија животите во сообраќајна несреќа во Прилеп. Прим. д-р радиолог Александар Ристески, спец. гинеколог д-р Никола Василевски и технологот за радиологија Фанче Јованоска ги загубија животите одејќи да ја извршуваат својата благородна мисија, како што е докторската работа. Најдлабоко сочувство до нивните семејства, пријателите и колегите“, напиша министерот Арбен Таравари на Фејсбук.
Тројцата загинаа на место на несреќата. Како и секое утро, двајцата лекари и ренген техничарка од Прилеп, тргнале на работа во битолска приватна болница. Некаде во близина на клучката Лагово, точно во 7 часот и 51 минута, нивната Тојота налетува на камионот Волво, кој доаѓал од спротивен правец, од Битола кон Прилеп. По судирот, двете возила изгореа речиси во целост. Медицинските работници останале во едното од нив.