Македонија

Караници и обвинувања во Судскиот совет, разрешена претседателката Дамева

Селим Адеми, потпретседател на Судскиот совет, ја обвини претседателката Весна Дамева дека го блокирала изборот на судии во Апелација со непотпишување на анекс-договорот. Таа возврати дека штетни договори нема да потпишува и дека за таков чекор треба некој да одговара. Потоа се скараа Дамева и Павлина Црвенковска, која сега е член на Судскиот совет, а претходно беше претседателка. Адеми ѝ рече на Дамева да не ја обвинува Апелација кога таа кочи избор на судии.

„Вие донесовте блокада со непотпишување на анекс-договорот… Вие дојдовте и правите тотална блокада во Апелација и да нема избор на осум судии. Вие сте таа што ја обвинува Апелација. Затоа кажувам, кон тие судии имам голема почит бидејќи се борат со многу помал број на судии, а тоа го знаат подобро од Апелација. Вие го кочите изборот на осум судии и треба да има одговорност. Вие сте биле координатор на Кривичниот суд, што можеби обвинувањата за застојот на предметите се таму, што имате направено за три години?“, рече Адеми.

Возврати Дамева.

„Во однос на блокирање на изборот во Апелација, јас кога седнав на местото претседател на Судскиот совет, реков штетен договор не потпишувам. Нема законски основ да се потпише таков договор. Кој потпишувал пред мене, тоа не е важно. Тоа е тема за анализа со која другите органи ќе се занимаваат. Јас, почитуван заменику, тоа добро го знаете и не знам зошто го прикривате како факт – веќе се имам обратено до премиерот и вицепремиерот да изнајдат начин бидејќи ова е нивна агенција. Мене ми е жал што за тие штетни договори некој ќе мора да одговара“, одговори Дамева.

Експретседателката Црвенковска бараше од Дамева да не зборува повеќе од сите и да го почитува Деловникот.

„Претседателке, почитувајте го Деловникот“, рече Павлина Црвенковска.

Дамева врати: „Вие нема да ми укажувате, кога бевте на ова место, ги водевте седниците и многу често не ми дававте право на збор. Ова е сензитивна тема и не сакам да се стекне друг впечаток“.

„Немојте со лични навреди. Зборувате повеќе од пет минути“, рече Црвенковска.

Дамева му даде збор на членот Ивица Николовски, а во збор му влезе Црвенковска.

„Вам не ви дадоа збор, дозволете, не влегувајте ми во збор. Јас имам збор, дај да се почитуваме“, ѝ рече Николовски.

Црвенковска се покажа дека не ѝ даваат збор.

„Ќе ви дадеме, почитувана колешке, полека“, извика Дамева.

„Одредени членови добиваат право на збор, а јас никогаш кога кревам рака, не ми се дава збор“, се покажи Црвенковска.

Дамева ѝ возврати: „Во ред, кревајте ја повисоко, колешке, ќе ве видиме. Можеби премногу сте седнати. Никогаш не се случило да не ви дадам збор“.

Николовски посочи дека не е точка на дневен ред одговорноста на Дамева.

„Ако треба заменик-претседателот и претседателот да се расправаат со јавност, нема потреба седницата да продолжи и да се создадат услови овие работи на друг начин да се решат. Ова е лично надмудрување помеѓу претседателот и заменикот“, рече Николовски.

Селим Адеми, потпретседател на Судскиот совет, рече дека немал проблеми со претседателката Дамева.

„Сум сакал мир за да завршат седниците. Нема проблем помеѓу Адеми и Дамева. Претседателката знае кај се проблемите. Но, кога претседателката ќе тргне да ме обвинува мене зошто како заменик не сум го дал писмото, а знаеме под кој диктат се делат постапки – тоа обвинување не може. Да ме обвинувате дека намерата на оваа точка е друга поради другите точки – тоа е лично обвинување. Кога почнувате лични обвинувања, тогаш чекајте јас да кажам“, рече Адеми.

По ова, зборуваше и Црвенковска. Смета дека требало нејзината наследничка на претседателската функција да закаже итна седница за писмото од Амбасадата на САД.

„На колегиумот Ви беше укажано дека Вие како претседател сте прв меѓу еднаквите. Функцијата да не ја сфаќате дека само Вие треба да ја знаете содржината. Вие кажавте дека не можете да ни го дадете нам бидејќи е тајно. Ова е само еден последен пример од пред два дена, кој мислам дека кај тие седуммина члена, кои гласаа да разговараме за нарушените меѓусебни односи, е писмото од американската амбасадорка. Во вашиот монолог ги заменувате тезите. Излегува дека вие сте тие што се борите на законито работење на Судскиот совет, а нас, другите челнови, нè деградирате и навредувате дека не сме за законито и совесно работење“, рече Црвенковска.

Дамева пак зеде збор.

„Многу сте нервозни, колеги, забележувам, очигледно Весна Дамева треба да се разреши, но Дамева не е проблемот“, рече Дамева.

Потоа продолжи караницата меѓу Дамева и Црвенковска.

„Ете видовте дека бев во право кога кажав дека Дамева се расправа“, рече потпретседателот.

На крајот, остро реагира и Зоран Герасимовски, член: „Ова на ништо не личи“.

Претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, по кавгите кои траеа четири часа беше разрешена од функцијата. Дамева одби да се стави на гласање точка што ја немаше на дневен ред, нејзиниот заменик реши да се гласа со кревање рака. Седум члена го поддржаа заменикот, кој го презеде раководењето на седницата при нејзино присуство.

„Претседателката е разрешена и веќе не може да раководи со седницата. Утре, во 11 часот закажуваме нова седница. За денеска седницата е завршена“, констатира заменик-претседателот на Судскиот совет, Селим Адеми.

Дамева бараше да се констатира дека ѝ е одземено раководењето со седницата иако таа е присутна.

„Претседателот, иако е во салата, заменикот самоволно му го одзема раководењето и става точка на дневен ред. Јас сум ваш заложник и на луѓето што ви дадоа налог за седницата да се прекине“, рече Дамева.

На крајот, Дамева рече дека ако оваа одлука биде озаконета, лица од политиката ќе бидат задоволни.

„Ви благодарам многу, ме спасивте мене, оваа одлука е противзаконска. Но, нечии желби треба да бидат исполнети. Со гласање од седум гласа, каде што нема утврдено ниту основ за разрешување ниту број на гласови со кои се носи одлуката, ме разрешуваат… Ова не знам како ќе заврши, освен што одредени лица од политиката ќе бидат задоволни од ова. Судскиот совет се вклучи во анархија. Сè излезе од контрола. На мое присуство ми зеде право на збор. Избор се прави со осум гласа, а се зема мандат со седум гласа“, додаде Дамева.

На почеток