Коментари

„Ако претседателка на Судски совет може да се разреши вака, секој судија треба да се запраша дали овој состав треба да одлучува за неговата кариера“, правниците за разрешувањето на Дамева

Со седум гласа ЗА, претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева е разрешена од функцијата, констатираше нејзиниот заменик Селим Адеми на денешната седница на Судскиот совет. По кавгите кои траеа неколку часа, а откако Дамева одби да се стави на гласање точка која ја немаше на дневен ред, нејзиниот заменик реши да се гласа со кревање рака. Седум членови го поддржаа заменикот, кој го презеде раководењето на седницата при нејзино присуство.

Ова се дел од реакциите на социјалните мрежи.

„Можеби се изненадивте како едно писмо од амбасадор ги измести од лежиштето членовите на Судскиот совет (слободно читај : Советот на обвинители).
Допуштам дел од вас наивно да верувале дека во тие совети седат најдобрите, најписмените и најсуверените во еснафот. Ние кои сме од браншата се разбира дека не сме изненадени од ништо. Што побогу да очекувам јас кој по повод мојата оставка го имам добиено ова несреќно писание во прилог.
Поради тоа и поради еден милион причини кои може до задутре да ви ги набројувам, во целост стојам зад ставот на обвинителката Ленче Ристоска дека советите треба да се реформираат. Сега наместо функционални тела имаме туристички агенции и агенции за вработување на сопружниците и децата на членовите на советите.
Туку да ги чувам деталите за времето кога ќе бидат ослободени институциите, а кое судејќи по паникава е на прагот, бидејќи во две од двете кривични пријави што ги имам поднесено директно до државниот обвинител не се превзема н и ш т о . Еве безмалку цела година“, вели поранешниот обвинител Војо Димоски.

„Ова е јадна држава во која Судски совет се вознемирува само кога амбасадорот на САД ќе им пише. Од граѓани, адвокати и остало не им чуе. Ваков вазалски однос е погубен за нас.
“Дали сме ние членови на Судскиот совет и треба ли да знаеме за тоа сериозно писмо доставено до Судскиот совет?”
Ова прашува потпретседателот на советот, ееејј Македонијо државиште!!!“, вели Јанаки.

„Драмата во Судски совет задава нокаут на веќе паднатото на колена судство. Ако претседателка на ова тело може да се разреши како да е претседателка на куќен совет, надвор од секоја процедура, со насилие и пуч во телото, секој судија треба да се запраша дали овој состав треба да одлучува за неговата одговорност и напредување во кариерата. И како би бил заштитен тој како судија???
Уште веднаш треба со изјава да излезат сите претседатели на првостепени и апелациони судови, Врховниот суд, Управниот суд, Вишиот управен суд и Здружението на судии со реакции за денешниот скандал.
“Борбата продолжува, ќе биде уште полошо”- рече Дамева на заминување.
Колку полошо може од ова?!“, вели Атанасовска

„Поголема банда од судиите членови на Судскиот совет нема.
Тоа се партиски војници назначени на овие функции единствено со цел да го штитат криминалот на партиските челници.
Дајте бре луѓе да се тргнат сите судии и јавни обвинители, а прво овие од советот“, вели професорката Мирјана Најчевска.

„Денес потпретседателот на Судски совет и го одзеде зборот на претседателката на Советот и продолжи да ја води седницата, па ја разреши спротивно на Закон и Деловник.
Сите молчат!
Утре може да се случи првиот (или вториот, третиот…) вицепремиер да му го одземе зборот на премиерот и да продолжи да ја води Владата!
Сите пак ќе молчат! И него ќе го пуштат низ вода. Битно нивните функции, паушали, хонорари да останат нечепнати“, вели професорката Ана Павловска Данева.

„Хорор и срамотилак во „највисокиот“ орган на судската власт.
Селим Адеми заменик претседател на Советот, изврши пуч и ја презеде власта во Судскиот совет со сила.
Овој Селим не ферма ни деловник, ни дневен ред ни закон. Почитува само насилие, кое го изврши поддржан од сите претставници на ДУИ во Советот?
Значи може и вака, со насилие?
Браво.
Сега довербата во судството е рамна на нула.
Аферим…….“, пишува Маневски на својот фејсбук профил.

На почеток