Македонија

(ВИДЕО) Членови на „Златна зора“, упаднаа на изложба во Солун

Група маскирани луѓе, членови на „Златна зора“, упаднаа на изложбата на ликовниот уметник Сергеј Андреевски во Солун.

Тие се однесувале непристојно и вулгарно и сакале да ја прекинат изложбата, по што си заминале. Како што пренесуваат грчките медиуми, тие му рекле на уметникот дека нема право да биде таму. Откако направиле хаос, ги симнале неговите дела и со црвена лента го „запечатиле“ просторот.

„Имаш право да кажеш дека си Словен и ништо друго“, му рекле тие, пренесе ЕРТ.

Иако без демонстрација на физичко насилство или нанесена материјална штета, поради заканите и вербалните напади била повикана и полиција, која е целосно известена за инцидентот.

„Известени се и Генералниот конзулат на Северна Македонија во Солун и Амбасадата во Атина, кои веднаш стапија во директен контакт со надлежните органи на Грција, а за инцидентот е информирано и грчкото Министерство за надворешни работи.

Во текот на денешниот ден, во МНР е повикана и грчката амбасадорка Софија Филипиду, при што и формално ќе бидат упатени очекувањата од нашиот сосед да бидат преземени сите мерки за откривање и процесирање на сторителите“ соопшти МНР.

На почеток