Свет

(Видео) Вучиќ пред средбата со Курти: „Пролеаната крв не смее да се заборави”


Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, ѝ се обрати на српската јавност пред средбата во Брисел со премиерот на Косово, Албин Курти, и порача дека на Србија ѝ се закануваат и дека не смее да се заборави пролеаната крв.
„Албин Курти неколку дена брутално и валкано води кампања против Србија. И тој и сите негови помошници. Закани за Србија, потсетување на некои стари времиња, зборување за нивната борба за слобода, заборавајќи дека Србите се бореа за слобода против терористите и агресијата на НАТО. Пролеаната крв не смее да се заборави, тоа ќе го имам на ум вечерва“, рече Вучиќ во соопштението пред средбата.
Покрај тоа, тој изјави дека ќе биде тешко.

 

View this post on Instagram

 
A post shared by Aleksandar Vučić (@buducnostsrbijeav)

„Против нас се сите големи на Запад. Сепак, правото и правдата се на наша страна. Уште поважно од тоа е дека тие не разбираат колку е силна љубовта кон слободата и колку силно и цврсто можете да ја чувате и покрај сите притисоци. Да живее Србија, нема предавање“, истакна Вучиќ во пораката.
Да потсетиме, како што соопшти Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС), на преговарачката маса на состанокот меѓу Вучиќ и Курти, кој ќе почне во 18 часот, ќе има две теми – нацрт-статутот на заедницата на српските општини (ЗСО) и декларацијата за исчезнати лица.
На состанокот закажан точно 45 дена по последната средба во Охрид, кога беше договорен анексот на европскиот договор за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина, двете делегации ќе разговараат со посредство на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, и во присуство на специјалниот пратеник на ЕУ за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак.
Она што се разликува од претходните средби, барем според најавата, е тоа што не е најавена билатерална, па трилатерална средба, туку непосредна, заедничка средба.
Како што соопштија од ЕЕАС, по средбата, ќе ѝ се обрати на јавноста.
Од страните во дијалогот се очекува да ја поддржат декларацијата за исчезнати лица како прва точка на дневниот ред по што ќе биде донесен првиот нацрт на статутот на ЗСО. Исто така, според најавата, двете страни ќе имаат можност да разговараат и за други прашања од политичко значење.

На почеток