Свет

Гори депо за нафта во близина на Кримскиот мост

Гори депо за нафта во близина на Кримскиот мост


Складиште за нафта во рускиот регион Краснодар гори од утринава во руското село Волна на 10 километри северно од пристанишниот град Таман и во близина на источниот крај на стратешки важниот Кримскиот мост, клучната копнена врска на руското копно со Крим, пренесува Ројтерс.
Според регионалниот гувернер Венјамин Кондратиев, пожарот е сериозен, но засега нема пријавено повредени, а не е во опасност ниту локалното население, додавајќи дека пожарникарите се трудат да го спречат неговото ширење.
Иако на руските социјални мрежи беа објавени повеќе видеа на кои пламен и црн чад обвиваат навидум огромни цистерни со црвени лепенки „запаливо“, Ројтерс не можел независно да ги потврди ниту извештаите за пожарот ниту видеата.
Инцидентот се случува неколку дена откако Москва ја обвини Украина за нападот кој предизвика пожар во нафтениот терминал во Севастопол.
Според извештаите, нафтен терминал во Севастопол, на полуостровот Крим, беше нападнат минатата сабота од украинско беспилотно летало. Украинската војска имала за цел со нападот да ја наруши логистиката на руската Црноморска флота, чие седиште е во Севастопол, пред најавената украинска контраофанзива.
Руската новинска агенција ТАСС цитираше извор од службите за итни случаи во Краснодар дека и депото во Волна било погоден од дрон.
Пристаништето во Таман служи како главна бродска врска со Крим и е најблиската голема населба до источниот дел на Кримскиот мост, кој ги поврзува полуостровот и регионот Краснодар. Високи украински функционери ветија дека ќе ја уништат оваа стратешки важна структура.
Минатата година, моќна камион-бомба го оштети делот од мостот за автомобилски сообраќај и уби тројца цивили, вклучувајќи го и возачот на камионот. Москва го обвини украинското воено разузнавање дека стои за терористичкиот напад.
Иако, во согласност со досегашната практика, Киев не презеде одговорност за нападот на нафтените депоа, Украинската армија во текот на викендот посочи дека поткопувањето на руската логистика е дел од подготовките за нивјата долгоочекувана контраофанзива, потпомогната од новите пратки помоќно западно оружје.
Во втор инцидент од таков тип за два дена, експлозија исфрли воз од шините во понеделникот во руската област Брјанск, која граничи со Украина. Руските власти велат дека проукраинските диверзантски групи вршат напади во регионот уште од почетокот на непријателствата.
И Русија изминатата недела ги засили нападите врз Украина пред најавената контраофанзива со бранови напади со беспилотни летала речиси секоја ноќ и со проектили насочени кон Киев и други области.

На почеток