Сведоштва за пукањето во училиштето во Србија: Пукаше прво во учителката, децата се криеја под клупите
Таткото на девојчето кое за време на пукањето во Белград истрчало од училницата вели дека таа му рекла оти убиецот бил одличен ученик, кој со ладен израз на лицето влегол во училницата и пукал.
„Ќерка ми беше во тој клас, беше во училницата каде тоа момче ги испука првите истрели кон учителката, а потоа почна да пука во децата кои беа под клупите, а моето дете истрча надвор“, изјави таткото „Н1“.
Тој рече дека во тоа време имале час по историја.
Како што кажа, кога дошол пред училиштето имало многу полиција, наставници, родители.
„Никој не знае ништо да каже, сите беа во шок, дојде многу полиција, пукал во чуварите во училиштето“, вели таткото.
Претходно едно од децата во училницата раскажа дека лежело врз мртвите тела на своите соученици и се преправало дека е мртво за да не настрада.
Дел од соучениците сведочат дека ученикот го вперил пиштолот кон сите во ходникот, кога настанала општа паника. Потоа влегол во училница.
„Слушнав пукање, некои ученици веднаш излегоа во ходникот за да видат што се случува. Отпрвин мислев дека нешто се слуша надвор. Сите почнаа да врескаат, настана општа паника, сите почнаа да трчаат, кога излегов го видов, дојде и впери пиштол во сите нас“, низ солзи раскажува за „Блиц“ еден од шокираните ученици.
Засега е потврдена смртта на шест ученици, а неколкумина се хоспитализирани. Убиен е и членот на обезбедувањето.