Свет

Ескалација меѓу Турција и Ерменија: Анкара го затвори воздушниот простор за Ереван

Ескалација меѓу Турција и Ерменија: Анкара го затвори воздушниот простор за Ереван


Турција го затвори воздушниот простор за ерменските авиони кои летаат кон трети земји, изјави денеска турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу, пренесува Ројтерс.
„Го затворивме воздушниот простор на Ерменија за летови кон трети земји. Ќе пуштиме авиони во нашата земја ако постои потреба, но нема да дозволиме авиони и приватни авиони да минуваат низ нашиот простор се додека има провокации (Ерменија против Турција и Азербејџан). Ако не ги прекинат, ќе преземеме други мерки“, рече тој.
Турскиот министер посочи дека причина за затворањето на воздушниот простор е откривањето на споменикот на хероите од операцијата Немезис во Ереван, чија цел била да го убијат лидерот на Младотурците кој го организираше ерменскиот геноцид во Отоманската империја.
Анкара го нарече откривањето на споменикот „провокација“, а Чавушоглу се закани дека ќе преземе и други чекори ако продолжат ваквите дејства на Ерменија.
„Турција може да забрани дури и ВИП летови“ предупреди тој.

Претходно викендов, како што објави „Араб викли“, Анкара без никаква најава и образложение ѝ ја поништи претходно издадената дозвола за оперирање на нискобуџетната авиокомпанија Flyone Armenia за летови кон Европа преку турскиот воздушен простор.
Flyone Armenia, подружница на молдавската авиокомпанија FlyOne, почна со работа во декември 2021 година.
Во февруари годинава, претседателот на FlyOne, Арам Ананјан, најави дека авиокомпанијата има пет авиони „ербас“ и дека нуди летови до 14 дестинации во осум европски и блискоисточни држави.
Анкара немаше никакви дипломатски ни трговски врско со Ерменија од ’90-те години на минатиот век.
Двете нации се во спор првенствено околу убиството на околу 1,5 милиони луѓе за кои Ерменија тврди дека биле убиени во 1915 година од страна на Отоманската империја, претходникот на модерна Турција. Ерменија инсистира дека ова претставува геноцид, обвинение што Турција го негира.
Во февруари годинава, граничната порта меѓу соседите беше отворена за прв пат по 35 години за да се овозможи помош за жртвите од разорните земјотреси во јужна Турција.

На почеток