Коментари

„Космонаутко“: Да се забрани тик ток, ќе измислат мик мок

Еден од најпознатите лица во земјава, Денис Јанкуловски, кој стана популарен како „Космонаутко“, бидејќи за време на пандемијата тој беше задолжен за земање брисеви од домовите на луѓето, па дечињата го нарекоа Космонаут, заради носењето скафандер, го искажа својот став и мислење околу тоа дали треба или не да се забранат некои од социјалните мрежи.

„Ниту сум стручен, особено не од оние со ФБ мастерс, ниту се мешам кај што не ми е местото, ова е само мое размислување како родител, како човек (можеби и не е баш вака, којзнае, веројатно толку ни се измеша се` што веќе ни изгореа сите лончиња и ни претекоа и млеката и јогуртот и маштеницата).

На прва, по сите овие случувања велам: Да се забрани и тик ток и јутуб и социјални мрежи и се`. Веројатно тоа е моментална, импулсивна рекација затоа што сме луѓе, затоа што боли тоа што го гледаме, слушаме и за жал доживуваме. Затоа што гледаме во кој правец оди светов со напреднатава технологија. Но…по некое време….

Да се забрани тик ток. Ок.
Ќе измислат мик мок.

Да се забрани мик мок. Ок.

Ќе измислат бик бок. Да се заб….

ДА СЕ ЗБОРУВА – ДА СЕ РАЗГОВАРА!!
Јас сум `71 годиште роден, растев со Том и Џери, Душко и Дача и многу други. И таму имаше моменти кога Џери му фрла пегла на опашката на Том, Којотот мести динамит за да ја разнесе Итрицана, на Дача му се врти пушката у фаца, му пука, него главата 180 степени…. Никогаш не ги забранија.
ДА СЕ ЗБОРУВА – ДА СЕ РАЗГОВАРА!!
Филмови, документарци во кои се величаат убијци, криминалци, книги каде успехот на криминалецот се претставува како некое високо достигнување, песни…пардон, нешто што личи на музика и глас што ни сам не се разбира што пее со текстови полни дрога, оружје и скупе јаке коле које мораш имати да би био вољен имало а богами и ќе има. Не можеш да забраниш.
ДА СЕ ЗБОРУВА – ДА СЕ РАЗГОВАРА!!
Како и за многу други работи така и за ова, да не се замижува пред суровата реалност. Болна, извртена, забегана, со страшни „вредности“ и животозагрозувачки т.н. предизвици од кои за дел од секунда нема враќање…..но реалност. Може во училиште да забраниме социјални мрежи, може и дома, ама надвор? Мислам дека ќе се создаде контра ефект, ќе се направи, филмски кажано – подземје, движење во илегала каде скриени во некои напуштени објекти ќе гледаат, споделуваат, уживаат и пробуваат тоа што ќе го гледаат. Прво таму во подземјето а после и надземјето. Фигуративно кажано, но јасна е поентата.
Заклучок:

ДА СЕ ЗБОРУВА – ДА СЕ РАЗГОВАРА!!“, напиша тој на својот Фејсбук профил.

На почеток