Димитриевски распали по полицијата: Со вашиот непрофесионализам, полуписменост и лукративност ги елиминиравте професионалците!
Кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски, откако добил пријава од граѓанин за паркирано полициско возило на место каде што паркирањето е забрането, „распали“ по полицијата.
„Најостро ги осудувам ваквите вандалски однесувања особено кога доаѓаат од страна на овластени службени лица во овој случај полициски службеници.
– Класичен пример како не треба, за жал со оваа се потврдуваат многуте тврдења на локалната самоуправа дека тој кој што со закон е обврзан да го прави редот прв и во континуитет го крши.
– Работите одамна избегаа од контрола, не ни очекувам било што да корегираат, освен да се фалат со безбедноста на хартија и на партизирани настани и да не замајуваат дека живееме во најбезбедна држава во која со калашникови како на филм се убиваат, но спас има и од вас како и од тие пред вас на ист начин, на избори, народот ќе ве смени.
Возилово на МВР е паркирано преку травникот и живата ограда на тротоарот и велосипедската патека на влезот на градот на новиот кружен ток на бул. Трета МУБ на десет метри на спротивната страна од улицата има новоизграден паркинг простор кој во овој момент е полупразен. Навистина “убав пример за граѓаните” а подоцна ќе барате од општината да свикува совет за превенција преку кој наводно ќе ги едуцирате возачите на совесност, невидена хипокризија…
Со вашиот непрофесионализам, полуписменост и лукративност ги елиминиравте професионалците, институциите станаа ваш заложник а ние секој ден се повеќе се срамиме од вашите институции кои ги приватизиравте.
Благодарамнаграѓанинот кој совесно го пријави оваа до мене а јас во интересна јавноста го споделувам со Вас“, вели Димитриевски.