Ученици од Тетово во тоалет оставиле список со закани
Деца од Тетово на возраст од 11 години направиле список со имиња на соученици и закани. Тие завршија во полиција откако во тоалет оставиле писмо со закани.
„Денеска, во присуство на нивните родители, психолог и педагог, извршен е службен разговор со 11-годишна малолетничка и 11-годишен малолетник, постапувајќи по претходна пријава во СВР Тетово дека во тоалет во основното училиште каде учат оставиле лист хартија со имиња на ученици и закани кон нив“, информира Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.
За случајот е известен и Центарот за социјални работи и јавен обвинител. Надлежните преземаат мерки за расчистување на случајот. Вчера и во Скопје имаше сличен случај. По двата масакри во Србија, од кои еден беше во училиште, полицијата будно следи што се случува во врска со безбедноста во училиштата. Во Министерството за образование и наука (МОН) досега има 20 пријави за врсничко насилство.