Свет

Италија сака да ја напушти кинеската иницијатива „Појас и пат“

Италија сака да ја напушти кинеската иницијатива „Појас и пат“


Италијанската влада на Џорџија Мелони се подготвува во наредните месеци да ја напушти иницијативата за глобална доминација на комунистичка Кина, „Појас и пат,“ пренесува „Брејтбарт“.

Во 2019 година, под раководство на тогашниот технократски премиер Џузепе Конте, Италија стана првата и досега единствената земја од Г7 што се вклучи во иницијативата „Појас и пат“ на Шји Џјинпинг.

Според критичарите, Пекинг ја користи иницијативата како геополитичка алатка за да ги зароби нациите преку дипломатски тактики на должничка стапица.
Иницијативата се соочи со жестоки критики на Запад поради примената на „дипломатијата на должничка стапица“, во која Пекинг им нуди предаторски заеми на земјите во развој во Азија, Африка, Јужна Америка и Источна Европа за наводно да им помогне да ја изградат локалната инфраструктура.
Така, Пекинг добива можност да ја преземе контролата врз инфраструктурата, а понекогаш и врз самиот имот кога заемот не се враќа, што често се случува. Освен тоа, Пекинг најчесто испраќа кинески работници на тие градежните проекти, што дополнително ги зголемува економските придобивки на Кина на сметка на локалните работници.
Сега популистичката влада на Мелони се соочува со одлука за продолжување на учеството на Италија во кинеската шема, при што членството на земјата автоматски ќе се обнови во март 2024 ако Рим не одлучи да се повлече пред тоа.
На состанокот со спикерот на американскиот Претставнички дом, Кевин Мекарти, минатата недела во Рим, според „Блумберг“, Мелони изјавила дека иако не е донесена конечна одлука, нејзината влада има намера да излезе од „Појас и пат“ до крајот на годината.
Во премолчена потврда на извештаите по средбата со чешкиот претседател Петр Павел во Прага во средата, Мелони не негира дека таквите планови се во фаза на разработка, но повтори дека допрва треба да се договори конечна одлука.
„Отворена е дебата во која верувам дека треба да бидат вклучени многу актери и на разни нивоа, вклучително и парламентот. Остануваат уште неколку месеци да се донесе оваа одлука, која е деликатна. Претходно, не се согласував со изборот на владата на Конте, но денес мора да се постапува многу внимателно бидејќи тоа е ситуација што влијае на многу меѓународни динамики“, изјави Мелони за „Соле 24 оре“.
Во 2019 година Кина тврдеше дека потпишувањето на иницијативата „Појас и пат“ ќе донесе нови можности за прагматична соработка меѓу Кина и Италија, но со исклучок на некои минимални инвестиции во италијанските пристаништа што ги користи кинеската флота од трговски бродови, Италија не почувствува некоја економска придобивка.
Ако владата на Мелони ја напушти иницијативата, тоа симболично ќе биде голема загуба за Кина, вели Федерико Санти, висок аналитичар „Еуразија груп“.
Санти потсети дека Пекинг неодамна го засили лобирањето во обид да го убеди Рим да остане во иницијативата, па напуштањето ќе ја антагонизира кинеската влада, а Пекинг, најверојатно, ќе преземе одмазднички мерки кон италијанските компании, кои работат во Кина.
 
 

На почеток