(ВИДЕО) Има многу гнев, ќе се повтори тоа во Србија, Весна Петрушевска со сведоштва за насилството меѓу децата
Фаќање за задник, скубење, удирање, навреди – вака изгледа детството на многумина тинејџери, сведочи актерката Весна Бејби Петрушевска, која секојдневно работи со деца во нејзината актерска школа. Јавна тајна е дека деца шетаат со ножеви по училишта, врсничкото насилство стана секојдневие. Петрушевска во интервју за „Макфакс“ сведочи за секојдневието на децата во Македонија, кои се мета на булинг, што подоцна носи тригери за себеповредување.
„Немаше дете кое не ми раскажа приказна за врсничко насилство. Дете немаше. Сите имаа нешто да ми раскажат, ‘чекај и јас да ти кажам ова имав’, ‘јас да ти кажам она имав’“, посочува Петрушевска за „Макфакс“.
Коментирајќи го масакрот во училиште во Белград, а прашана дали може во Македонија да се повтори нешто слично, таа вели: „Многу брзо, моето чувство е многу страшно и никогаш не ме излажало. Многу има гневни деца“.
Посочи и примери од нејзината актерска школа, каде деца кои се суперѕвезди меѓу младите се малтретирани на улица, па во дел од интервјуто вели: „Оди надвор од зграда на школско игралиште му се собираат поголеми деца му викаат ваков си таков си, па ќе го удрат, го малтретираат, па ќе купи пица, ќе му ја истурат пицата.
„Јас сум видела врсничко насилство и мои деца коишто се удирале со глава затоа што надвор имале деца кои ги претепале оти биле главни во ‘Дајте музика’“, рече Петрушевска, по што раскажа детали.
Децата меѓусебно се нарекуваат со „педер“, „курва“, „лезбејка“ – а тоа носи трауми. Петрушевска раскажа и за родителскиот пристап кон овие проблеми, како и суров пристап на родител чија ќерка имала психолошки проблем и било на лекување на Психијатриската клиника во Скопје.
„…И доаѓа некој да ја посети, јас таму и сега мене сите ме препознаваат… Ми вика ‘Вие тука?’, ‘да јас тука’. Продолжува: ‘ за кого?’, викам ‘за дедо ми, за кого’. Нели гледате дека има проблем… а вие викам што сте, „а татко сум јас“,…. па додава: ‘инaку нејзе ништо не и е“. Викам: ‘господине вие имате тука врвни доктори, штом имала таков напад, штом имала таков тригер, сигурно е за тука и ќе и помогнат, тоа не е ништо страшно’“, раскажува актерката.