Град Скопје предвидува измена и дополнување на Одлуката за условите и начинот на давање под закуп на недвижен имот во сопственост на Град Скопје.
„Преку дополнувањето на Одлуката, се овозможува бесплатно користење на спортските сали на установите во сопственост на Градот, за лицата со посебни потреби кои учествуваат во спортски активности организирани од сојузи, здруженија на граѓани, организации или друг облик на здружувања. Клучниот услов за да се овозможи ова е правните субјекти преку своите проекти, програми, активности или манифестации да бидат дел од Програмата за спорт и млади на Град Скопје.
Покрај дополнувањето на Одлуката, Градот предвидува намалување на висината на почетната цена за закупнина на просторот што се дава во закуп со јавно наддавање. Наместо досегашните 0,5% по м2 од вредноста на недвижната ствар, се предлага минималната цена да изнесува 0,3% по м2 со што поевтинува услугата за закуп на недвижниот имот на Град Скопје за сите субјекти кои имаат потреба од нивно користење.
Целта на предвидените измени и дополнувања на Одлуката е да им се овозможи на лицата со посебни потреби полесна достапност на спортските сали за одржување на спортски активности, но и да се поттикне спортот и спортската рекреација кај овие граѓани. Финансиското олеснување кое се предвидува и за почетната цена на закупот има за цел да им заштеди од буџетите на корисниците, да предизвика зголемена заинтересираност на граѓаните за користење на недвижностите со кои располага Градот и доближување на институциите кои се под надлежност на Град Скопје до граѓаните. На овој начин се олеснуваат условите за користење на градските институции од граѓаните и истите се ставаат во функција на нивните потреби.
Измените и дополнувањата на Одлуката ќе бидат предложени на следната седница на Советот на Град Скопје“, велат од Град Скопје.