Свет

Радев му се пожали на Вархеји заради невнесувањето на Бугарите во Уставот на Македонија

Радев му се пожали на Вархеји заради невнесувањето на Бугарите во Уставот на Македонија


Само преку почитување на човековите права и принципите на добрососедство Република Северна Македонија може да напредува во процесот на европска интеграција. Ова го изјави бугарскиот претседател Румен Радев на средбата со еврокомесарот за проширување и дпбрососедска политика Оливер Вархеји, пренесуваат бугарските медиуми.

Радев на почетокот на средбата истакна дека Бугарија високо ја цени активната работа и рационалниот пристап на Европската комисија и лично на комесарот за забрзување на процесот на европска интеграција на земјите од Западниот Балкан, што е особено важно за гарантирање на стабилноста и безбедноста на Европа.

Радев потсети дека токму како резултат на неговите плодни средби со комесарот Вархеи и активната заедничка работа е развиена преговарачката рамка, која го отвора патот за Северна Македонија кон Европската Унија, а во исто време ја гарантира заштита на правата на Бугарите во земјата и на бугарското културно-историско наследство.
Бугарскиот претседател, како што јавуваат бугарските медиуми, изразил загриженост поради недостигот на напредок за најважното прашање, што е и задолжителен услов за почеток на преговорите за пристапување во ЕУ – промена на Уставот и на вклучување на Бугарите како составен дел од него.
„Сведоци сме на зголемена системска дискриминација, полициско, административно и судско самоволие кон бугарските здруженија, зголемени злосторства од омраза врз Бугарите и луѓето со бугарски идентитет во Република Северна Македонија“, нагласил Румен Радев.
Шефот на бугарската држава ги потенцирал, како што вели, систематските притисоци и нападите на  бугарските клубови во Северна Македонија во последните месеци, како и донесувањето на закон со ретроактивно дејство врз фондациите и граѓанските здруженија, врз основа на кој беа затворени  два бугарски клуба.
Бугарија високо ја цени реакцијата на европските институции и острата осуда за одбивањето на Северна Македонија на 6 мај да го прими европратеникот Андреј Ковачев на своја територија, истакна Радев.
„Очекуваме вакви реакции не само кога се засегнати правата на пратениците во Европскиот парламент, туку и на обичните европски граѓани, граѓани на РСМ со бугарска самосвест“, додава тој.
Комесарот Вархеји, изразил разбирање на Европската комисија за важноста на отворените прашања меѓу Бугарија и Северна Македонија и посочил дека забрзувањето на процесот на проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан може да се постигне само доколку е прифатливо за сите земји. Комесарот Вархеји исто така, на средбата со Радев кажал дека критериумите од Копенхаген се јасно наведени и недвосмислени и ЕК ќе продолжи да ја следи нивната имплементација, пишуваат бугарските медиуми.

На почеток