Левица: Злоупотреба на деца во американска воена парада
Во недела, на 28-ми мај во општина Кавадарци американската амбасадорка Агелер заедно со градоначалникот на ДПМНЕ Митко Јанчев ќе парадираат и ќе проектираат моќ врз населението со изложување на 13 оклопни возила, на кои местото им е далеку од градските средини, вели Левица.
„Против сите општествени норми, по барање на градоначалникот, најмалите ученици од основните училишта се очекува да дефилираат до градскиот плоштад каде ќе бидат сместени и странските војници и воената опрема. Строго ја осудуваме културата на милитаризацијата која се проектира врз македонското население и овој начин на демонстрација на деструктивната моќ на странските војски. Но, најмногу од сѐ, реагираме за вознемирувањето на децата, нормализирањето и нивната индоктринација во милитаристичката култура на странските војски и најпосле злоупотребата за легитимирање на овој скандалозен настан.
Неприфатливи се последиците од овие одлуки на политичките чинители на општината, но, и на сите политички структури кои нема да застанат на патот на оваа злоупотреба на децата и вознемирување на граѓаните. Јавно апелираме и до Детската амбасада Меѓаши за осуда на овој неморален чин и директен напад врз нормите за заштита на децата од погубни влијанија“, се вели во соопштнеието.