Уставни измени под диктат не смее да има, вели ИК на ВМРО-ДПМНЕ
Пред лидерската средба меѓу премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, заседаваше и Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ кој излезе со став дека го овластил Мицкоски да ги одбрани нивните позиции.
„Поаѓајќи од националните и државните интереси и запазувајќи го мислењето на огромното мнозинство на граѓани во државата, уставни измени под диктат и под околности кои се поразителни за Македонија не смее да има. Носењето на уставни измени во состојба кога е нападнат националниот и државен идентитет на македонскиот народ, кога се оспорува јазикот, историјата и културата не е никаков чекор напред, туку отворање на вратата за нови поразителни условувања и себеодрекување“, рече Тимчо Муцунски.
Според него, Македонија токму поради лесните отстапки и штетните политики на власта, веќе е во изолација.
„Измама е тезата дека на оваа лидерска средба се одлучува за интеграција или за изолација. На оваа лидерска средба се одлучува или за уставни измени и национални порази или за одбрана на националното достоинство и националните интереси“, додаде Муцунски.