Македонија

Откако Обвинителство го прогласи за невин, Муареми најави тужба против Русковска

Поранешниот директор на Упрвата за финансиска полиција, Арафат Муареми, најави тужба против екс-шефицата на Обвинителството за организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, која претходно нареди претрес во неговата канцеларија.

Јавното обвинителство вчера објави дека Муареми чувал над 400 предмети во фиока, но дека тоа не е причина Русковска да упаѓа во неговиот кабинет. Во меѓувреме таа беше суспендирана, а разрешен беше и првиот човек на Финансиска полиција.

„Дополнително, ве известувам дека до Основниот граѓански суд имам поднесено тужба против Вилма Русковска, затоа што истата, во неколку наврати во своите јавни излагања во емисиски гостувања, иако свесна за невистинитоста на истите, продолжува да изнесува лажни и невистинити податоци, да лаже и да клевети. Од моја страна, злоупотребите на Вилма Русковска ќе бидат докажани и обелоденети до крај“, се огласи Муареми.

Тој дополнително изрази задоволство, како што вели, за тоа дека не е утврдено никакво незаконско работење, ниту пак сторено кривично дело од негова страна.

„Одлуките на обвинителството потврдуваат дека во институцијата со која што јас раководев нема неправилности и незаконитости во периодот на моето директорување. Како што тоа претходно го тврдев, останувам на истиот став дека нападот кон мене беше исклучиво поради нечии лични цели и интереси, притоа злоупотребувајќи ја јавно обвинителската функција со цел да ми се наштети на мене, на мојот углед и угледот на Управата“, пишува Муареми.

На почеток