Вработените во УЈП ќе протестираат два часа дневно
Почнувајќи од денеска, секој нареден ден од 10 до 12 часот вработените во УЈП ќе протестираат и нема да ги извршуваат работните обврски. Како што пишува Телма, веќе се влезени во постапка за организирање на генерален штрајк.
Вработените во УЈП и во вторникот излегоа на предупредувачки протест пред Министерството за финансии. Побараа средба со првиот финансиер, Фатмир Бесими, но тој не ги прими. Според него, се подготвува општ колективен договор и во овој период Финансии не може да преговара за поединечни случаи.
Вработените тврдат дека претходно со Бесими постигнале договор, но од непознати причини тој сѐ уште не е потпишан.
Тврдат дека во преговорите тие дури и се откажале од некои свои права. Документот го пратиле до финансии, но е нејасно е зошто Бесими не го потпишува.
Предупредија дека ако не исполни договреното ќе бидат приморани да одат на генерален штрајк со целона блокада на нивната работа, а тоа ќе значи колапс за целата држава.
Нивниот револт порасна откако министерството за финансии, под чија надлежност се и тие, ги зголеми платите за 30%, но само за вработените во финансии.
За утре, протест најавија и од Царинската Управа. И тие бараат зголемување на платите и рекоа дека доколку не се слушне нивното барање, ќе се радикализираат, па дури и ќе затворат дел од граничните премини.