Македонија

Чудно е што Северна Македонија бара од друга држава да признае дека постојат македонски јазик, култура и идентитет, вели Ковачев

Германскиот Бундестаг доцна синоќа гласаше за декларација со која се повикува Бугарија да се воздржи од наметнување дополнителни услови за Северна Македонија, освен веќе постигнатиот компромис за уставни промени.

Во документот се наведува и дека германскиот Бундестаг ја признава македонската култура, идентитет и јазик, пренесува бугарското “БНТ“

Медиумот пишува дека според германските пратеници од владејачката коалиција, и покрај напорите на Софија, Скопје и другите земји од ЕУ, разликите меѓу двете соседни земји се уште не се целосно решени и тие претставуваат опасност за процесот на проширување на ЕУ.

Берлин смета дека треба да се направат сите напори за да се направи следниот чекор во пристапниот процес на Северна Македонија.

Германскиот Бундестаг ги поздравува напорите на владите во Скопје и Софија за зајакнување на соработката во различни културни и економски области со цел зближување, пренесува бугарскиот медиум.

Според европратеникот од ГЕРБ/ЕНП Андреј Ковачев, декларацијата е прифатена на барање на премиерот во Скопје. Ковачев им се заблагодари на колегите од Христијанско-демократската унија и Христијанско-социјалната унија во Бундестагот што не го поддржале документот.

„Проблемот, поточно чудната појава е што бараат од друга држава во собраниска одлука да признае дека постојат македонски јазик, култура и идентитет. Не сум слушнал за друга слична појава на нашата планета, каде што една држава е толку несигурна во својот идентитет, јазик и култура што мора да побара од друга земја со политичка одлука на законодавно тело да ги признае јазикот, културата и идентитетот“, изјави Андреј Ковачев, европратеник од ЕПП/ГЕРБ.

Според него, германскиот парламент, на итно барање на премиерот во Скопје, усвоил резолуција која има за цел да помогне во започнувањето на преговорите за пристапување во Европската унија на Република Северна Македонија.

„Нема ништо лошо во тоа, нашите колеги, соседи и пријатели во Скопје не треба да се грижат да имаат модерен идентитет, јазик и култура, но разбирам дека сакаат да покажат некаква историска доследност или историски континуитет што се разликува од бугарскиот. Ова е основата на нашиот проблем, од таму доаѓа дискриминацијата и говорот на омраза и сите проблеми што ги имаме. Тоа не се билатерални проблеми, тоа се проблеми поврзани со основните човекови права и европските вредности. Повторно повикувам и двете, и власта и опозицијата во РСМ да покажат храброст и да не го продолжуваат моментумот од времето на Титова Југославија. Да си помагаме, да бидеме заедно што побрзо во ЕУ, како што тоа го прават Романија и Молдавија, како што е Грција со Кипар. Во ЕУ мора да бидеме заедно, а тоа може да се направи само врз основа на пријателство, добрососедство, со спроведување на договорот потпишан во 2017 година меѓу премиерите Заев и Борисов, како и добра волја. Посакувам нашите соседи навистина да ги надминат сите пречки и да можат што побрзо заедно со нас да станат членки на ЕУ“, рече Андреј Ковачев.

На почеток