Резолуцијата во германскиот Бундестаг сметам дека треба да се поздрави, тоа е добра работа, вели Милошоски


Пратеникот Антонијо Милошоски за радио Лидер го поздрави изгласувањето на резолуцијата во германскиот Бундестаг со која се признава македонската посебност, јазик и идентитет и се дава поддршка Македонија да ги направи уставните измени и да ги продолжи евроинтеграциите.
– По однос на резолуцијата во германскиот Бундестаг прво јас сметам дека треба да се поздрави, тоа е добра работа. Главното прашање е зошто се носи резолуцијата во Германија каде што се споменува меѓу другото и македонскиот јазик, македонскиот народ, самобитност, заради две причини. Прво затоа што во 21 век од земја членка на ЕУ имаме негирање на македонскиот јазик и самобитност, тоа е причината, инаку Германија не би имало потреба да носи таква резолуција, ова е само признание дека внатре во ЕУ има држави кои не размислуваат европски во 21 век, рече тој.
Според Милошоски, за оваа резолуција придонес дала и политичката партија ВМРО-ДПМНЕ со укажување на слабостите од Договорот на добрососедство со Бугарија. Милошоски објасни дека ова не е прва резолуција туку имало и во 2004 каде што Германскиот Бундестаг упати апел преку резолуцијата до германската сојузна влада во билатералните односи да го користи уставното име Република Македонија.
