Свет

Украина: Најголемиот удар во контраофанзивата допрва следи

Украина: Најголемиот удар во контраофанзивата допрва следи


Украинската заменик-министерка за одбрана Хана Малиар изјави дека најголемиот удар во украинската контраофанзива допрва доаѓа, но таа призна дека тоа е тешка операција бидејќи Русија прави се што може за да ја спречи.

„Непријателот нема лесно да се откаже од своите позиции, а ние мора да се подготвиме за тежок дуел. Всушност, тоа се случува токму сега“, порача таа на „Телеграм“.

Малиар додаде дека операцијата која е во тек има неколку цели и дека армијата ги исполнува тие задачи.
„И покрај тоа што нашите војници напредуваат кон југ во неколку правци, непријателот ги концентрира силите на исток и продолжува таму да напредува. За непријателот ова е главниот правец на напад бидејќи агресорот не се откажува од целта да стигне до границата на регионите Доњецк и Луганск“, изјави таа.
Украинскиот заменик министер за стратешка индустрија Сергеј Бојев изјави дека Киев е во преговори со западни компании за производство на оружје на украинска територија и дека украинските власти би можеле да потпишат договори со производителите во наредните месеци. Тој рече дека во тек се преговори со производители од Германија, Италија и Франција за компаниите да започнат со производство во самата Украина.
„Со нив сме во многу детални разговори. И сигурни сме дека ќе ги потпишеме договорите во следните неколку месеци – изјави Бојев за „Ројтерс“ на маргините на аеромитингот во Париз.
Тој изјави дека конкретно разговарал со производители на дронови, од големи меѓународни компании до мали добавувачи.

На почеток