Македонија

Отстранет целиот нанесен материјал од столбовите на мостот кон Уланци

Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, со градоначалникот на Градско Кире Нацков, го посетија мостот кај селото Уланци, во Општина Градско, по неофицијална пријава на градоначалникот, а и по јавувањето на единствениот број за итни случаи 112 во ЦУК, за пријава на многу заглавени дрва, гранки и друг материјал на столбовите од мостот при поројните поплави од пред неколку дена.

Градоначалникот Нацков го запозна Ангелов со состојбата на мостот покажувајќи неколку видливо напукнати носечки столбови на самиот мост.

Во моментот на посетата, беше евидентно дека речиси целиот нанесен материјал е отстранет од столбовите на мостот, освен на едно место каде е заглавено големо откорнато дрво со гранки. Протоа Ангелов посочи дека секој мост е исклучително важен и треба да се одржува редовно особено при поројни поплави кога притисокот врз столбовите е најсилен.

Мостот кај с. Уланци, до Градско, е изграден во 1973 од Југословенската Народна Армија (ЈНА) на поранешната југословенска држава (СФРЈ) и е важен за локалното население од двете страни на Вардар. Покрај поврзувањето на населби е важен и за поврзување на земјоделските површини, коишто ги обработуваат не само жителите околу мостот туку и жители од целата Општина.

Најголем проблем при надоаѓање на Вардар биле големите дрва и гранки што ги носи водата, а се заглавуваат на и помеѓу столбовите на мостот со што се зголемува притисокот врз столбовите на мостот. Најблискиот мост е одалечен десетици километри и се наоѓа кај с. Ногаевци, поради што овој мост кај с. Уланци за локалното население е од огромно значење.

На почеток