Свет

(Видео) Зеленски пристигна во Софија

(Видео) Зеленски пристигна во Софија


Украинскиот претседател Володимир Зеленски пристигна во Софија неколку минути по 12 часот. Тој патувал од главниот град на Молдавија Кишињев со бугарскиот владин авион.

„Во Софија, Бугарија. Ќе имам длабински разговори со премиерот Николај Денков, ќе се сретнам со претседателот Румен Радев, владини претставници, пратеници, политичари и новинари“, напиша Зеленски на Твитер.

Во исто време, Советот на министри објави детали за еднодневната посета на претседателот на Украина на Бугарија.

Зеленски во Министерскиот совет ќе разговара со премиерот Микола Денков и вицепремиерката и министерка за надворешни работи Марија Габриел, а ќе се сретне и со лидерите на пратеничките групи кои ја доставија нацрт-декларацијата за поддршка на членството на Украина во НАТО.
Се очекува да биде потпишана заедничка декларација за евроатлантските интеграции на Украина и меморандум за соработка во областа на енергетиката.
Подоцна во текот на денот, премиерот и вицепремиерката Габриел ќе бидат домаќини на дискусија со учество на претседателот на Украина Володимир Зеленски, амбасадори, политичари и претставници на граѓанското општество.
Посетата на Володимир Зеленски е прва на Југоисточна Европа од почетокот на руската војна против неговата земја.
Зеленски досега ги посети САД, Велика Британија и голем број земји од Европската унија, како и Молдавија, Саудиска Арабија и Јапонија.
Околу владиниот ВИП на аеродромот во Софија имаше засилено полициско присуство.
Според неофицијални информации, украинскиот претседател нема да оди во парламентот да одржи говор, како што е практика при другите негови посети во странство од почетокот на руската војна против Украина.
Посетата на украинскиот претседател Володимир Зеленски доаѓа во клучен момент за Киев – пред самитот на НАТО во главниот град на Литванија, Вилнус, каде се очекува јасен сигнал до Украина дека е добредојдена во Атлантскиот пакт. Самиот Зеленски постојано изјавува дека во Киев се свесни дека влезот во НАТО пред крајот на руската војна против Украина е невозможен, но се надева на дефинитивна порака од партнерите.
Меѓу потенцијалните теми за разговор со претставници на бугарските власти се и воената и хуманитарната поддршка на Бугарија за Украина, енергетската соработка и други теми.

На почеток