Скопје

Сите јавни претпријатија да се вклучат во чистење на ѓубрето во Скопје, порача Јанчева

Со денови Скопје се дави во ѓубре. Локалната власт на ДПМНЕ во Скопје создаде невиден хаос, вели Љубица Јанчева, координаторка на советничката група на СДСМ и коалицијата во Советот на Град Скопје

„Неспособноста на ДПМНЕ и нивните градоначалници го претворија Скопје во една огромна депонија. Хаосот со ѓубрето претставува и здравствен ризик, поради можноста од појава на зарази.

Скопјани ова не го заслужуваат.

За проблемот со ѓубрето советничката група на СДСМ иницира одржување вонредна седница на Советот на Град Скопје.

Во рамките на своите надлежности и во името на граѓаните Советот има обврска да дискутира за актуелната состојба во ЈП “Комунална хигиена”, а СДСМ ќе предложи и мерки и активности за итно дејствување на градот.

Една од мерките, една од решенијата што ќе ги предложи СДСМ заедно со коалициските партнери за решавање на проблемот со ѓубрето е вклучување на сите јавни претпријатија.

Со сиот свој човечки потенцијал, а потоа и со онаа механизација со која располагаат јавните претпријатија да се вклучат во чистењето за што поскоро целосно да се расчисти ѓубрето во Скопје и состојбата да се врати во нормала.

Оваа мерка ќе овозможи ЈП “Комунална хигиена” брзо да се врати во секојдневниот работен тек, а ќе превенира и во иднина да не се случува повторно ваков хаос.

Очекуваме поддршка од сите советнички групи, вклучително и од мнозинството во Советот од ДПМНЕ.

Особено што токму ДПМНЕ со своите кадри, со своите градоначалници во Скопје и со својата градоначалничката којашто победи со нивна поддршка го создадоа проблемот.

Наместо модерно Скопје како што Мицкоски и ДПМНЕ ветуваа пред скопјани кога бараа гласови од нив, создадоа загаден град и нефункционални јавни претпријатија.

Советот има механизми што треба да ги искористи во интерес на граѓаните и во интерес на Скопје, и во оваа насока очекуваме одговорност од сите советници“, додава таа.

На почеток