За сите сторители кои допринесоа главниот град да се дави во смет, можно е да бидат поднесени кривични пријави, вели Спасовски
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски тврди дека ако се покажат за точни информациите дека иселеници земаат плата од „Комунална хигиена“ – секој еден ќе сноси одговорност. Тој е дециден: „Нема да имаме отстапка, за ниту една ситуација, ова треба да биде санкционирано за да се стави крај“.
„Навистина ниту Скопје, ниту граѓаните не го заслужија ова што се случи изминатите денови. Еколошка катастрофа која го загрозува здравјето и животот на граѓаните. И без да навлегуваме во причините – ова е катастрофа. Најмалку сакам превирања да влијаат на животот на граѓаните. Ние вчера очекувавме и мислам дека денеска треба да биде доставен записникот од Инспекторатот за животна средина, комуналниот инспекторат, инспекторите на Град Скопје, за да ги видиме нивните наоди. Во координација сме со обвинител. Ако има елементи за кривично дело, за сите сторители кои допринесоа главниот град да се дави во смет – можно е да бидат поднесени кривични пријави“, најави Спасовски.