Македонија

Во Судскиот совет ништо ново: додека се бараат оставки од сите членови – тие избираат нови, се алармира дека изборот ќе донесе негативни последици

Во Судскиот совет ништо ново: додека се бараат оставки од сите членови – тие избираат нови, се алармира дека изборот ќе донесе негативни последици

Гласните критики од правната фела, реакциите на невладините организации и странскиот фактор, но и барањата за распуштање – не допреа до Судскиот совет. Највисокото тело, од кое еден член се повлече поради незаконски одлуки, а друг поради превирања, сега избира судии што ќе ги заменат. Во трката се тројца кандидати: врховниот судија Наке Георгиев и кавадаречкиот судија Лазар Нанев, за кои имаше претставки за утврдување одговорност поради нестручно работење, а трета е судијката Антонета Димовска од Граѓанскиот суд, чија сестра е пратеничка, а таа има долгогодишна судиска кариера.

dobivaj vesti na viber

Дарко Аврамовски, извршниот директор на „Коалиција за правично судење“, организација што ја следи работата на Судскиот совет, за „Макфакс“ посочува дека кредибилитетот на ова тело е загубен. Распуштање е излез од состојбата. Изборот на нови членови нема да донесе унапредување на состојбите, додава тој.

„Имајќи ги предвид случувањата во Судскиот совет изминатиот период, ‘Коалицијата за правично судење’, заедно со дваесетина други граѓански организации од Платформата за борба против корупцијата и ‘Блупринт групата за реформи во правосудството’, истакна дека Судскиот совет ги има загубено својот легитимитет и кредибилитет. Во согласност со тоа, сметаме дека најсоодветното решение за излез од оваа состојба е распуштање и промена на составот на Советот, како и промена на законските одредби, кои се однесуваат на начинот на кој се избираат членови на Советот, поради што ги повикавме членовите на Советот да поднесат оставки. Двајца членови на Советот во меѓувреме покажаа достоинство и интегритет и поднесоа оставки, меѓутоа сметаме дека промена на само двајца членови на Советот нема да придонесе за да се зајакне легитимитетот на ова тело, туку, напротив, сметаме дека може само да биде контаминиран интегритетот на новите членови, кои се нафаќаат да бидат дел од тело што не работи во согласност со законот, а кое воедно ја има најголемата одговорност за обезбедување независност и професионалност на судската власт. Во таа насока, сметаме дека изборот на двајца нови членови во Судскиот совет нема да придонесе кон унапредување на состојбите, туку, напротив, може да има само дополнителни несакани последици за репутацијата на судството. Изборите дополнително се проблематични ако се има предвид дека, според анкетата на ОБСЕ, дури три четвртини од судиите немаат доверба во Судскиот совет. Поради ова, остануваме на ставот дека е неопходно да се распушти Советот и да бидат направени законски измени на постапката за избор на членови во него пред да бидат спроведени ваквите избори“, вели Аврамовски за „Макфакс“.

Изборите доаѓаат во време кога највисокото судско тело е цел на критичната јавност. Министерот за правда Кренар Лога предложи негово распуштање. Премиерот Димитар Ковачевски порача дека треба ремонт. Невладините организации, меѓу кои и „Коалицијата за правично судење“, побараа сите членови да поднесат оставки. Холандија стави во мирување проект со Судскиот совет поради скандалите.

Кандидатската листа дополнително влијаеше негативно врз рејтингот на ова тело откога се дозна дека на кандидатот Наке Георгиев му била запрена постапка за утврдување одговорност непосредно пред да бара доверба за да биде член на Судскиот совет. Вториот кандидат, судијата Лазар Нанев, немал комплетна документација, но мнозинството членови гласале тоа да не биде пречка за тој да остане кандидат. Нанев истовремено е судијата што навиваше на трибини со ексминистерот за правда, Никола Тупанчески, и обвинителката Фатиме Фетаи, на сметка на ФФМ. Забелешката кај кандидатката Антонета Димовска е што е сестра на пратеничката од СДСМ, Снежана Калеска-Ванчева, но нема дисциплински и постапки за утврдување одговорност. Димовска важи и за критичар на судството, која потенцира дека му е потребна реформа.

Судскиот совет, кој брои 15 члена, изминатиот период се соочи со голем број критики во јавноста. Сè почна со писмото на Амбасадата на САД, во кое беа изразени загриженоста и разочараноста при постапувањето на судовите. Потоа почнаа караниците на седниците. Потпретседателот Селим Адеми рече дека тогашната претседателка Весна Дамева го криела писмото и за него дознале од медиумите. Таа се правдаше дека била на одмор и тој требало да го презентира писмото.

По ова, следуваше разрешување на Дамева. На јавна седница за нејзина смена гласаа седум члена. Потоа, во четири ѕида, била повлечена одлуката за разрешување на Дамева со седум гласа, па повторно се гласало и со девет гласа ја тргнале од функцијата. Сашко Георгиев, новиот избран претседател, уште неседнат, рече дека свесно била исклучена јавноста.

Жестоки реакции имаше и од правната фела, кои констатираа низа нерегуларности.

Критики упати и холандскиот амбасадор, кој го оцени ова тело како нелегитимно, а набргу потоа, пред речиси еден месец, судиите Зоран Герасимовски и Мирјана Радевска-Стефкова поднесоа оставки од функциите членови на Судскиот совет.

Макфакс

На почеток