Магазин

Холивудските студија во последен обид да избегнат штрајк на актерите

Холивудските студија во последен обид да избегнат штрајк на актерите

Претставници на главните филмски и телевизиски студија во Холивуд и синдикатот, кој претставува 160.000 актери, повторно седнаа да преговараат во средата (12 јули) во последен обид да се избегне втор штрајк на работниците во забавната индустрија пред крајниот рок на полноќ.

dobivaj vesti na viber

САГ-АФТРА, синдикатот што ги претставува холивудските актери, инаку најголемиот синдикат во Холивуд, бара поголем надомест во ерата на стриминг-телевизии плус заштитни мерки за употребата на вештачката интелигенција (АИ).

Членовите одобрија штрајк доколку преговарачите не постигнат договор, а ѕвездите од А-листата, вклучувајќи ги Џенифер Лоренс и Мерил Стрип, рекоа дека се подготвени да ја напуштат работата.

Тие ќе им се придружат на речиси 11.500 члена на Здружението на писателите на Америка (WGA), кои штрајкуваат од почетокот на мај. Масовниот штрајк резултира во бескрајни репризи на вечерните телевизиски ток-шоуа, наруши најголем дел од продукцијата на есенската ТВ-сезона и снимањето на некои високобуџетски филмови.

Штрајкот на САГ-АФТРА ќе присили многу филмски сетови да се затворат и ќе го зголеми притисокот врз студијата да изнајдат решение.

„Сите се напнати и се надеваат дека одговорот е вистинскиот“, рече актерката Флоренс Пју говорејќи во Лондон на промоцијата на претстојниот филм „Опенхајмер“.

Доцна во вторникот преговарачите на САГ-АФТРА се согласија на барањето од студијата да повикаат федерален посредник. Но, синдикатот рече дека претставниците на студијата ја злоупотребиле нивната доверба со давање информации во медиумите и дека синдикатот нема да отстапи од крајниот рок во средата навечер.

Холивуд не се соочил со двоен штрајк од 1960 година кога членовите на Здружението на писателите (WGA) и Здружението на актерите (Screen Actors Guild) повикаа на прекин на работата во битка за остатоци од филмови продадени на ТВ-мрежите.

„Мора да заработувате 26.000 американски долари годишно за да се квалификувате за вашето здравствено осигурување и има многу луѓе што го надминуваат тој праг преку своите преостанати уплати“, рече актерот Мет Дејмон на промотивниот настан за „Опенхајмер“.

„Парите се заработуваат и треба да се распределат на начин што ќе се грижи за луѓето што се на маргините“, додаде тој.

Денес, синдикатите се борат против „Нетфликс“, „Волт Дизни“ и други компании за основната плата и остатоците од стриминг-услугите и други прашања, вклучително и употребата на генеративна вештачка интелигенција. Актерите бараат гаранции дека нивните дигитални слики нема да се користат без нивна дозвола.

Макфакс

To Top