Македонија

Без цензус и дефинирано мнозинство, изборот на членови за Судски совет не е легитимен, критикува Блупринт група

Без цензус и дефинирано мнозинство, изборот на членови за Судски совет не е легитимен, критикува Блупринт група

На 13 јули годинава се одржаа избори за два члена на Судскиот совет на РСМ од редот на судиите. Резултатите од спроведените избори од листата на кандидати од Врховниот суд на РСМ ја покажаа уште еднаш вградената системска слабост во моделот за избор на членови на Судскиот совет, велат од Блупринт групата за реформи во правосудството.

dobivaj vesti na viber

За кандидатот кој беше избран, гласот го дале само шест судии од вкупно 16 судии запишани во Судскиот изборен именик во овој суд. На изборите гласале 13 судии од кои мнозинството, седум дале неважечки гласачки ливчиња.

– Ваквиот начин на произнесување на судиите од овој суд можеме да сметаме дека е еден вид на бојкот на изборите. Мнозинството од судиите на Врховниот суд не го поддржа кандидатот. Со ова оправдано се наметнува прашањето за легитимитетот на изборот на членот имајќи предвид дека мнозинството од судиите кои излегле на гласање не го дале својот глас за избраниот кандидат, соопштуваат од Блупринт групата.

Според нив оваа системска слабост произлегува од Законот за Судскиот совет на РСМ.

– Во него ниту е предвиден задолжителен цензус кој треба да се исполни за да се сметаат изборите за успешни, ниту пак е дефинирано мнозинството кое одреден кандидат/ка треба да го исполни за да се смета за избран/а. Овие два елементи се суштествени за да се обезбеди легитимитет на избраните лица, велат од Блупринт групата.

Поради тоа Групата смета дека е потребна законска интервенција во овој дел како би се овозможил легитимен процес на изборот на кандидати согласно волјата на мнозинството кои го даваат својот глас.

– Укажуваме дека е неопходна сеопфатна реформа во условите и постапката за избор на членовите на Судскиот совет со цел да се превенираат вакви случаи во иднина. Членовите кои се избираат од редот на судиите треба да добијат легитимитет од своите колеги преку определување на изборен цензус и дефинирање на мнозинството кое е неопходно за кандидатот/ката да биде избран/а. Од друга страна членовите кои ги избира од редот на Собранието кои се истакнати правници, покрај редефинирање на терминот, предлагаме да се избираат во јавна и транспарентна постапка, со јавно интервју пред работните тела на Собранието и можност за вклучување на академската и стручната јавност како и граѓанскиот сектор во процесот, додаваат од Блупринт групата за реформи во правосудството.

Макфакс

На почеток