Министерството за образование и наука го распиша конкурсот за прием на студенти запишани на додипломски студии во државните и приватните студентски домови во Република Северна Македонија за учебната 2023/2024 година.
За претстојната студиска година за студентите се предвидени вкупно 4.480 легла, од кои 1.093 места се обезбедени за студентите во прва година, додека останатите легла се за студенти од втора и повисоките години.
Најмногу слободни места и годинава има во студентскиот дом „Гоце Делчев“ во Скопје – вкупно 1.176 легла, по што следува студентскиот дом „Пелагонија“, исто така во Скопје, со 997 слободни места. Во третата и едниствена од зградите што годинава ќе биде отворена за студенти во „Стив Наумов“ се предвидени вкупно 369 места, а покрај зградата, во овој дом функционираат и бараките кои ќе сместат 138 студенти.
Право на прием во дом имаат редовни студенти кои се државјани на Република Северна Македонија и се школуваат надвор од местото на живеење. Право на прием во државните студентски домови имаат и редовни студенти кои се запишани на јавните универзитети и високообразовни установи, а се избрани со конкурси, одлуки, решенија, договори и тоа: владини стипендисти-студенти со македонско потекло, студенти од странство кои студираат на универзитетите и високообразовните установи во Република Северна Македонија, студенти согласно програмата ЦЕЕПУС, студенти според билатерални договори и слично.
Студентите кои се пријавуваат на конкурсот треба да пополнат електронска пријава и да ја прикачат соодветната документација на интернет порталот „е-услуги“ на МОН.
Студентите може да конкурираат за прием само за еден студентски дом.
Рокот за пријавување на студентите од втора и повисоките години почнува од понеделник и трае до 31 јули, додека студентите од прва година – бруцошите ќе може да се пријавуваат од 1 до 11 септември.
Макфакс